Скопје слуша убава музика: закажан втор концерт на Дуке Бојаџиев

Поради огромниот интерес за концертот на Дуке и пријателите закажан е уште еден термин, за 21 февруари (недела), исто така во арената „Метрополис“, соопштија од „Авалон продукција“, додавајќи дека првиот, кој ќе се одржи на 20 февруари, е целосно распродаден.

Билетите се веќе во продажба на сите продажни места на „Купи карти за сè“, како и онлајн,  а со секој купен билет, следува подарок ДВД.

По успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, ова е прв голем концертен проект на Дуке Бојаџиев, кулминација на сета негова досегашна концертна работа, зачинет со врвни музички гости, поезија и камерен оркестар. Тој ќе се претстави во малку поинакво издание, поразлично од досегашните, заедно со неговите пријатели и соработници: гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, најголемата македонска ѕвездаКаролина Гочева, легендарниот актер Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, светски реномираната пејачка Тања Царовска и перкусионистите: Матијас Кунзли и Костас Анастасијадис – сите придружувани од камерен оркестар, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар.