
На 63-годишна возраст вчера почина еден од најдобрите политички аналитичари во Македонија, Агим Јонуз. За скопјани, Агим беше „гласот на чаршијата“ и симбол за другарство.
Музичарот Џина Папас Џокси се опрости од својот пријател:
„Почина Агим Јонуз. Мојот комшија од Чаир. Тој од втора, јас од трета зграда. Пошироката јавност го познава како политички аналитичар, јас па како музичар. Се играше со конгите, од Тост сендвич до Пасквелија. Кога и да се видевме: “Ќе праиме сасатав. Ми се свири“.
И тековниот кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски се збогуваше од Јонуз:
„Патувај мирно кон вечноста, пријателе… Често знаеше да ми се јави, понекогаш и доцна навечер со некоја шега во свој стил и да ми даде некој совет. Искрен, топол, човечен и со големо срце.“
Драган Павловиќ - Латас во свој стил се опрости од својот пријател:
„Збогум друже. Што би рекол ти: Јеби га, добро је било док је трајало“.
Пратеникот Фатмир Битиќи се опрости од својот пријател:
„Замина човек што нè учеше на искрен разговор и човекољубие, кој неуморно не подучуваше дека над сите поделби стои човечкото достоинство. Агим замина, но неговиот „ачик муабет“ со општеството останува како задолжение да бидеме похрабри и поправедни едни со други.“
Новинарот Љупчо Златев се опрости од својот пријател:
„Со огромно жалење ја примив веста дека на 189 - годишна возраст почина Агим Јонуз. Не станува збор за печатна грешка, Агим почина на 63 години, но имаше одживеано најмалку три пати повеќе. Со својот животен стил, легендата од скопскиот асфалт секојдневно ја побиваше теоријата за времето и просторот.“
Младиот активист Умејр Муамеди се опрости од својот пријател:
„Секој ден кога ке ме сретнеше кај Драмски ги “оставаше” другарите и седнуваше кај мене и цело време ми збореше како јас имам потенцијал да станам успешен политичар, со часови ми објаснуваше како да станам тоа и како според него сум од ретките кој има потенцијал “да ја води” Македонија во иднина и дека ние младите ке мора да формираме партија.“
Кој беше Агим Јонуз?
Агим Јонуз беше познат македонски новинар, политички аналитичар и колумнист, човек со остар ум, јазик без влакна и длабока љубов кон својата земја. Роден и израснат во Скопје, Јонуз важеше за еден од највпечатливите јавни говорници, кој секогаш знаеше да ги предизвика слушателите со искрени и храбри ставови.
Неговата кариера започна во новинарството, а со текот на годините се изгради како аналитичар кој умее да го разбере и политичкото и човечкото лице на секоја состојба. Работеше како портпарол во Собранието на Македонија во времето на претседателот Љубчо Јордановски, а подоцна и како советник на поранешниот премиер Владо Бучковски.
Јонуз со својот препознатлив стил остави силен белег во јавниот дискурс. Неговите колумни беа читани со интерес, бидејќи секогаш содржеа комбинација од критика, хумор и човечка мудрост. Често знаеше да каже дека Македонија може да опстане само ако луѓето научат да се разбираат, а не да се делат.
Во јавноста беше ценет како човек што зборуваше директно, без политичка калкулација. Со истата искреност настапуваше и на телевизиски дебати, каде ги разобличуваше манипулациите и лицемерието на политичарите, без разлика од која партија доаѓаат.
Во последните години беше активен и во политиката преку „Твоја партија“, каде што ја промовираше идејата за општество со достоинство, култура и дијалог.
Агим Јонуз почина, оставајќи зад себе бројни текстови, изјави и спомени што сведочат за неговата страст, енергија и љубов кон Македонија и нејзините луѓе.