
Град Скопје информира дека, согласно Годишната програма за дезинсекција, Законот за заштита на населението од заразни болести и препораките на Центарот за јавно здравје – Скопје, продолжува со следната фаза од овогодишната дезинсекција против комарци.
Во текот на изминатиот период беа реализирани повеќе третмани за уништување на ларвите и возрасните форми на комарците.
Дезинсекцијата против ларви беше спроведена на 7 мај, 11 јуни и 10 јули по воздушен пат, како и на 26 јуни и 23 јули со теренски третмани.
Во меѓувреме, против возрасните комарци беа реализирани авионски третмани на 1 и 2 јуни, како и на 27 и 28 јуни, додека теренска дезинсекција беше спроведена на 18 и 20 јуни, како и на 13 и 15 јули.
Следната фаза од дезинсекцијата против возрасни комарци е планирана за 30 и 31 јули, кога ќе се изврши авионско прскање, доколку временските услови го дозволат тоа. Во случај на неповолно време, третманот ќе биде одложен за првиот нареден ден со соодветни услови, за што јавноста ќе биде дополнително известена.
Од Град Скопје велат дека активностите се спроведуваат континуирано и во согласност со законските прописи и стручните препораки, со цел намалување на популацијата на комарците и заштита на јавното здравје.