Скопје повторно под чад: Пожари кај Стенковец и на Скопска Црна Гора го задимија градот

Скопје деновиве повторно се соочува со силна задименост поради неколкуте активни пожари во и околу градот, чие гаснење дополнително го отежнува силниот ветер.

Чадот се шири над поголем дел од главниот град, а снимки од Водно ја покажуваат моменталната состојба и густата чадна завеса над Скопје. Граѓани од повеќе населби реагираат и на интензивна миризба на чад.

Состојбата дополнително се влоши по избувнувањето на нов пожар во близина на спортскиот аеродром „Стенковец“, каде гори дива депонија со наталожен отпад. Над овој дел од Скопје се издига густ црн чад, а поради количината на отпад што гори се очекува чадот и непријатната миризба да продолжат да се шират.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека скопските пожарникари се на терен и интервенираат.

„Се крева црн чад како атомска бомба. Скопските пожарникари стигнаа на лице место. Поголема површина ќе биде тешко да се совлада. Активен е подолго време, гори наталожен отпад, кој ќе има уште повеќе чад, повеќе густ чад, и во наредниот период скопјани ќе почувствуваат уште поголем мирис“, изјави Ангелов.

Истовремено, веќе втор ден активен е и големиот пожар во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево. Силниот ветер го носи чадот во правец кон Скопје, поради што неговиот мирис веќе се чувствува во делови од градот.

Според Ангелов, во гаснењето на овој пожар се вклучени скопските пожарникари, полициски хеликоптер, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и 30 припадници на Армијата.

„Два дена се обидуваме да го ставиме под контрола, но силниот ветер дополнително ја влошува состојбата. Ветерот дува во насока кон Скопје и чадот се шири кон градот. Дел од Скопје веќе го чувствува мирисот на чад“, рече Ангелов.

Тој посочи дека пожарот се наоѓа во длабок дол долг околу 1.600 метри, каде густината на чадот го отежнува пристапот и интервенцијата. Во моментов, според ЦУК, нема опасност за околните села.

Пожарникарите интервенираат и кај селото Милетино во Општина Брвеница, каде пожарот се приближил кон населеното место.

Ангелов информира дека во земјава во моментов има најмалку 30 активни пожари на отворено, оценувајќи дека нивниот број е невообичаено висок за овој период од годината.