Скопје постојано се проширува, а градинките немаат место за деца - родителите на големи маки

Во последните неколку години Скопје почна се повеќе да се проширува. Бројот на жители постојано се зголемува. 

Со зголемување на бројот на жители, секоја година се поголем проблем се градинките и уписите на деца. Градинките се полни, а родителите се на голема мака. 

Долги листи на чекање за упис, големи групи со дечиња, малку кадар, несоодветни услови… Ова се само дел од проблемите со кои родителите се соочуваат кога ќе пробаат да го запишат своето дете во градинките ширум Скопје.

Во градинките нема место за сите оние деца чии родители пополнуваат пријава за упис. И нема решение за овој проблем. По редовен пат, без „врски“, да го запишете детето во градинка можеби ќе треба да чекате и една до три години.

Кога ќе влезете во целиот тој лавиринт од документи, управа, пријава, молба, барање, ќе сфатите дека излез нема. Ви останува да чекате, а никој нема да ви каже колку долго тоа чекање ќе трае. Со други зборови, мора да се снајдете со чувањето на вашето дете. Во голем број случаи, токму ова е причината родителите да си дадат отказ на работа, бидејќи алтернатива немаат.

Родителите кои можат финансиски да си го дозволат тоа, ги бираат приватните градинки. Цената за месечен престој на детето во нив е од 200 до 300 евра, што ретко кој може да ги издвои од својот домашен буџет за оваа намена.

Ваква е ситуацијата во речиси сите општини ширум Македонија. Во овој дел од истражувањето, сме сконцентрирани на Скопје. Не постои скопска општина без листи на чекање за во градинка.

Главниот проблем е што и без нив, групите се веќе премногу големи. Бројот на дечиња во една група се движи од 20, па до над 40 деца. Со две до три вработени во група, оправдано се поставува прашањето: Дури и да станува збор за најдобрите воспитувачки во светот, колкава грижа се во можност да понудат на волкав број на деца?