Скопје во септември повторно ќе биде домаќин на значаен меѓународен џудо настан.

На 19 и 20 септември во главниот град ќе се одржи Европскиот куп во џудо за сениори „Скопје 2026“, на кој досега се пријавени повеќе од 440 натпреварувачи од над 40 земји од четири континенти.
Бројот на пријавени учесници го прави овогодишното издание едно од најмасовните во досегашната историја на турнирот. За споредба, на претходниот Европски куп во Скопје настапија околу 300 џудисти.
Меѓу најбројните делегации се очекуваат репрезентациите на Русија, Германија и Италија, кои имаат пријавено по повеќе од 50 натпреварувачи.
Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски, оценува дека интересот за турнирот ги надминал очекувањата на организаторите. Дополнителна мотивација за учесниците е фактот што резултатите од натпреварувањето ќе носат бодови во квалификацискиот процес за следните Олимписки игри.

„Слободно можеме да кажеме дека овој натпревар ги надминува сите наши очекувања. Бројката на натпреварувачи е значително поголема не само во споредба со претходниот Европски куп кај нас, туку и во однос на другите европски купови“, изјави Трпановски.
Според најавите, во Скопје ќе пристигнат дел од најдобрите европски и светски џудисти, а интерес за следење на турнирот има и од претставници на европското џудо. Најавено е присуство на шест амбасадори, што дополнително го зголемува меѓународното значење на настанот.
Организаторите очекуваат дводневниот турнир да донесе борби на високо спортско ниво и големо меѓународно внимание, но и да биде уште една можност Скопје да се позиционира како домаќин на големи спортски натпреварувања.
Со повеќе од 440 пријавени џудисти, Европскиот куп „Скопје 2026“ веќе поставува нови стандарди по бројот на учесници и го става македонскиот главен град во центарот на европската џудо сцена.