Скопје веќе наголемо ги чувствува последиците од неприродниот пораст на градот, а тоа се отсликува во енормното загадување на воздухот, метеж во сообраќајот, бетонските градби што никнуваат на површините со зеленило и сето ова придонесува животот на скопјани да биде хаосен.

Кога на ова ќе се стават во предвид и прогнозите дека 80 проценти од македонското население до 2050 година ќе мигрира во градовите, од кој најголемиот товар ќе го понесе Скопје, како центар на сите случувања, тогаш мора на оваа состојба да и се стави крај. А тоа ќе се случи, ако што поскоро почнат сите чинители во државата, како Владата, локалната самоуправа и приватниот бизнис заедно со граѓанските заедници да почнат да ги применуваат придобивките на електронската технологија, која е неминовност за идниот непречен развој на Скопје и градовите.

Ова на конференцијата за концептот “Паметни градови” што се одржа денеска во Скопје во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест”, го изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

– Урбанизацијата треба да се случи паралелно со пресретнување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Не смееме да продолжиме со градење на бетон како начин на развој на градовите. Профитот не треба да биде водечката сила, туку да се свртиме кон обезбедување на функционална инфраструктура со помош на придобивките што ни ги дава новата технологија. Но, и со нејзината примена треба да бидеме многу внимателни бидејќи новите начини на комуникација бараат искористување на фреквенцискиот опсег кој е лимитиран ресурс. Ако многу избрзаме во користењето може да се направат грешки кои што подоцна би не чинеле најмалку 10 милиони евра. Затоа мора да има координација меѓу фреквенциското и урбанистичкито планирање бидејќи овие два процеси веќе се испреплетуваат – рече Манчевски.

Тој смета дека градоначалниците треба што поскоро да сфатат дека технологијата сама по себе нема да го направи градот паметен.

– Градењето на паметни градови бара политичко разбирање за технологијата, разбирање за процесите кои се зад таа технологија и желба за обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини услуги на граѓаните. Градоначалниците многу брзо ќе се соочаат со огромни предизвици за да обезбедат најосновни сервиси на граѓаните, како на пример вода – рече Манчевски.

Според него, услугите за граѓаните што сега ги врши администрацијата ќе мора да се дигитализираат и автоматизираат, а човечкиот потенцијатал ќе мора да се искористи на многу покорисен начин од она што се прави сега.

– Промените се овде и не треба да се плашиме од нив. Наша обврска и должност е навреме да се организираме и паметно да ги искористиме со цел што поскоро да обезбедиме подобри услови за живот на нашите граѓани – истакна Манчевски.

На конференцијата беше промовиран концептот за “Смарт Охрид”, чии решенија можат во еден дел да се пресликаат за Скопје, во делот на велосипедскиот и комбинираниот превоз. Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада информира дека Швајцарија одлучила финансиски да поддржи развој на концепт за “Смарт Охрид” и да им помогне на општината и на граѓаните да управуваат со транспортот околу Охридско Езеро на одржлив начин.

– Посебните вредности на Охридското Езеро и неговиот статус на УНЕСКО подрачје, бараат особено внимание и сите вклучени чинители мораат да ги земат предвид прашањата поврзани со заштита на езерото и неговата средина на најсериозен начин. Ја поддржуваме подготовката на физибилити студија која ќе понуди поинакво гледиште и паметни решенија за предизвиците поврзани со транспортот во охридскиот регион. Станува збор за иновативен пристап кој е применет како методологија првпат во Македонија – рече амбасадорката Тејада.

Според неа, имплементацијата на паметниот концепт ќе биде главниот предизвик за властите, на централно и на локално ниво, за граѓаните и за туристите.