Скопје на врвот по бројот на заразени и активни случаи од Ковид 19

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.391, бројката на оздравени пациенти е 1595, на починати е 141, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 655, информира вечерва Министерството за здравство.

Според информацијата во моментов во Скопје 338 активни случаи на Ковид 19, додека бројката на инфицирани од почетокот на пандемијата е 928 и со ова главниот град се наоѓа на врвот на листата во двете категории. Втор на листата според бројот на активни случаи е Тетово со 86 лица, па Куманово со 55 активни. 

До утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се шест пациенти, со што бројот на хоспитализирани достигна вкупно 40. Потешко болни и на кислородна поддршка се 16 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

До утрово, во ГОБ „8 Септември“ се примени девет нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 31. На респираторна машина се 6, a со потешка клиничка слика се 6 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 7 пациенти, а на домашно лекување се следи 1 пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани 14, а на домашно лекување се следат 16 пациенти. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 27 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19, се додава во соопштението.