
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва од паркингот кај хотелот „Александар Палас“ го означи почетокот на големата акција за чистење на градскиот смет, кој е наталожен во огромни количини поради подолгото нефункционирање на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
Дека ќе го исчисти Скопје во само 72 часа од стапувањето на функција беше едно од неговите предизборни ветувања.
„Скопје мора да биде чист, достоинствен и уреден град. Ги мобилизиравме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека тоа е можно“, изјави Ѓорѓиевски при стартот на акцијата.
Покрај големата механизација, камиони и вработени во јавните претпријатија, акцијата ја поддржаа бројни симпатизери, како и повеќето скопски градоначалници и премиерот Христијан Мицкоски. Присутни беа градоначалниците на општините Аеродром – Дејан Митески, Кисела Вода – Бети Стаменковска Трајкоска, Карпош – Сотир Лукровски, Гази Баба – Бобан Стефковски и Ѓорче Петров – Александар Стојковски.
Во рамките на акцијата ќе се работи интензивно на собирање на отпадот, миење на улиците, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар. Тимови од јавните претпријатија се распоредени во сите делови на градот со цел за рекордно време да се отстрани наталожениот смет и нечистотија.