
Повторно ветување дека Скопје ќе добие Луна парк, место за радост на најмалите жители заедно со своите семејства.
Актуелниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на завршната панел-дискусија на тема „Локалната и централната власт работат за тебе” во рамките на настанот Саем-Отчет, меѓу другото, вети и дека најмладите конечно ќе добијат Луна парк.
„Паралелно со тој процес, следи процес на разеленување на Скопје и оплеменување со хортикултура. Нормално, во првата година од мандатот, ценам дека главното, централно скопско јадро треба да биде дел од неговиот фокус. Кога зборувам за главното централно скопско јадро, мислам пред сè на Градскиот парк, Скопје и најмладите конечно да добие Луна парк каков што заслужуваат“, истакна Мицкоски.
Засега, останува надежта дека ова ветување ќе се реализира со оглед дека главниот град со години го чека ова место за забава и рекреација.
Градскиот парк во Скопје секој ден е преполн со посетители. Паркот врие од деца, но Луна парк, омиленото место за забава на најмладите, веќе речиси девет години нема.
Луна паркот беше затворен во 2017 година во мандатот на ексградоначалникот Коце Трајановски, кога почна да се гради нов. Се успеа да се изгради само влезната капија, која е во барок стил и беа набавени неколку реквизити. Со доаѓањето на функција на Петре Шилегов градежните работи беа стопирани и беше кажано дека ќе се прави нов проект. Тогаш беше кажано дека во паркот ќе има реквизити не само за деца туку и за возрасни, како што се панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил и со тоа ќе привлече голем број туристи. Но, во време на Шилегов оваа идеја остана само на хартија.
Со доаѓање на градоначалничката Данела Арсовска работите исто така не се мрднати од место. Таа по доаѓањето на функција рече дека ќе го продолжи проект на Шилегов, но во меѓувреме ќе се стави паркот во фунција со реквизите набавени од Трајановски. Но, ништо од тоа не се случи и Луна паркот и натаму е затворен.