Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави изградба на две нови училишта во Драчево и Ѓорче Петров, кои, како што посочи, ќе започнат да се градат паралелно.

Во гостувањето на телевизија Телма, Ѓорѓиевски соопшти дека проектите ќе бидат предвидени со краток ребаланс на буџетот, преку пренамена на средства заштедени од одредени постапки и проекти.
Едното училиште ќе се гради во Драчево, на местото на постојното ветеринарно училиште и гимназијата, додека другото е планирано во Ѓорче Петров, каде што средношколците, според Ѓорѓиевски, сè уште наставата ја следат во бараки.
„Еве ексклузивно, две нови училишта коишто паралелно ќе почнеме да ги градиме“, изјави градоначалникот.
Тој посочи дека Градот Скопје е финансиски консолидиран, а наплатата оваа година е зголемена за 18 отсто, што, според него, создава услови за реализација на планираните проекти во наредните три години.
Ѓорѓиевски се осврна и на капиталните инвестиции, наведувајќи дека нивната реализација заклучно со третиот квартал изнесува 1,1 милијарда денари.