Скопје ќе дише, се намалува бројот на билборди

Во Скопје има плева од билборди. Станува збор за околу 1.000 локации кои се доделени на долг период на концесионерите. Како што вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, оваа состојба е наследена и веќе се разговара со концесионерите за намалување на бројот на билбордите бидејќи ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

– Локациите за поставување на билборди се определени во постапка пред околу четири-пет години. Се работи за концесиски договор во времетраење од над 15 години, а еден е веќе предмет на кривична анализа. За мој вкус имаме премногу билборди во нашиот град и премногу издадени концесии од претходната администрација, вклучително и концесијата во Јавното сообраќајно претпријатие дадена на десет години и тоа на пет дена пред заминувањето на претходната администрација – рече Шилегов.

Кривичната анализа е поради недозволен пренос на добиена концесија за поставување билборди од една на друга фирма.

– Злоупотребата најверојатно се случила со потпишување акт или договор од претходниот градоначалник – информираат од Град Скопје.

Компанијата Медијас ДООЕЛ ги пренела правата на ЛИД Медија во трипартитен договор со Град Скопје, а концесијата била на 15 години.