Дали Скопје ќе биде нова локација на „Еxit" фестивалот?

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека е постигнат договор со основачот на „EXIT“ фестивалот, Душан Ковачевиќ, од следната година македонската метропола да стане нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации.

„Убеден сум дека бренд како ‘EXIT’ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија. Тоа ќе ја стави нашата метропола на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто,“ изјави Ѓорѓиевски.

Со ова, Скопје ќе се вброи меѓу европските градови кои се дел од мрежата на еден од најпрестижните музички фестивали во Европа, што според него ќе значи нова енергија, нови инвестиции и зголемување на туристичкиот потенцијал на главниот град.

Во меѓувреме, од „Exit“ официјално соопштија дека овогодинешното издание на Петроварадинската тврдина ќе биде последното што ќе се одржи во „оваа Србија“. Како причина се наведува одлуката на властите да му ја укинат финансиската поддршка на фестивалот, откако организаторите јавно ги поддржаа студентските протести.

Организаторите на фестивалот денеска споделија информирација дека „Exit" ќе има глобална турнеја, без да откријат дополнителни детали. Во однос на најавите дека „Егзит“ се сели во Египет, соопштија дека африканската држава е една од станиците на глобалната турнеја на фестивалот за 2026 г.