Скопје кандидат за наградата „Најзелен град во Европа“ за 2021

21 град и гратчиња од 14 европски земји се натпреваруваат за наградите „Зелена престолнина на Европа 2021“ (European Green Capital) и „Европски зелен лист 2020“ (European Green Leaf).

Наградите привлекоа интерес и учество на многу градови од цела Европа, особено од јужна и источна Европа, меѓу кои и 13 града кои за прв пат аплицираат за истите.

„Зелена престолнина на Европа“ и „Европски зелен лист“ беа иницирани за признавање и наградување на достигнувањата на градовите во нивните напори и обиди да ја подобрат својата локална средина и квалитетот на живеење таму. И покрај тоа што многу европски градови се соочуваат со бројни еколошки проблеми, европските градови генерално се главни иницијатори во поглед на урбаната самоодржливост и често нудат пионерски иновативни решенија за борба со еколошките проблеми.

Е сега, во време кога мака мачи со енормното и опасно загадување на воздухот и нон-стоп се наоѓа во врвот од десетте најзагадени градови во светот, Скопје решило да се пријави за ваква и оваа награда. Следните девет града се натпреваруваат за наградата „Европска зелена престолнина 2021“: Будимпешта (Унгарија), Каљари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Скопје (Македонија), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вастерас (Шведска).

А овие 12 града се во трка за наградата „Европски зелен лист 2020“: Авињон (Франција), Капосвар (Унгарија), Лапенранта (Финска), Лимерик (Ирска), Маирена дел Алкор (Шпанија), Мекелен (Белгија), Оливеира до Хоспитал (Португалија), Свиштов (Бугарија), Сентеш (Унгарија), Валмиера (Летонија), Виана до Кастело (Португалија) и Врање (Србија).

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во март оваа година изјавил дека ќе поднесе кандидатура за оваа награда.

- Наша цел е до 2021 година да поднесеме кандидатура за Скопје за европска зелена престолнина. Работиме на поставување стандарди за зачувување на животната средина. Оваа пролет се фокусираме на чистење и зазеленување на Скопје. Планираме да го исчистиме градот од дивите депонии и да засадиме над 4.000 нови дрвја на зелените површини. Резултатите од пролетната акција за чистење и зазеленување на градот ќе бидат видливи на краток рок. Наш приоритет е подобрување на животната средина. Должни сме да го надоместиме изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемиме парковите и дрворедите во сите општини во градот - изјавил Шилегов.