Скопје: Градинки незаконски ги снимале децата

Дирекцијата за заштита на лични податоци утврди дека некои градинки освен на влезот или во ходниците, видеонадзор поставиле во занималните и трпезариите, што е спротивно на законот

Но и некои од оние што правилно ги поставиле камерите, не ги информирале родителите за тоа, што не е во согласност со начелата за заштита на приватноста. Дирекцијата им наложила да ги исправат грешките.

Темата за камери во градинките повторно се отвори, откако неодамна беше заборавено детенце во тоалет во скопска градинка. Некои од родителите, верувајќи дека така ќе се зголеми безбедноста на децата, на социјалните групи веднаш го отворија прашањето за поставување камери и во занималните. Други коментираа дека дури и би сакале да следат што се случува во нив. Трети, пак, беа децидни, камерите ќе ја нарушат приватноста на децата, ќе ги стават под непотребен притисок вработените, а евентуалниот проблем со безбедноста не би бил решен зашто има многу посоодветни методи за тоа, пишува Нова Македонија.

Во градинката „Весели цветови“, во скопската населба Кисела Вода, нема поставено камери ниту на влезовите ниту во ходниците. Валентина Божиновска, директорка на градинката, вели дека имало неофицијални иницијативи од родители за снимање, меѓутоа и дека веруваат оти децата имаат право на своја интима.

- Не ни е спорно ако се снима на влезовите. Но, не и во работните простории. Децата имаат право на интима, а вработените на услови за работење без чувство дека некој ги следи - вели Божиновска.

Во Дирекцијата за заштита на лични податоци се децидни дека е незаконски да се снима во занималните. Оваа институција минатата година направила редовен инспекциски надзор токму во градинките и за видеонадзорот утврдила неправилности и повреди на законот.

- Утврдено е дека градинки вршат видеонадзор надвор од просторот, кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен видеонадзорот (камери поставени во занимални и камери поставени во трпезаријата). Исто така дека контролорите немаат направено анализа на целта, односно целите за кои е поставен видеонадзорот, немаат истакнато известување за вршење на видеонадзор, немаат донесено акт со кој е уреден начинот на вршење на видеонадзорот - велат од Дирекцијата.

Оттаму забележале и дека лицата што обработуваат лични податоци преку системот за вршење видеонадзор немаат потпишано посебна изјава за тајност и заштита на обработката на личните податоци и не применуваат соодветни технички мерки за пристап до видеонадзорот.