Скопје – град на секојдневни „црни хроники“

Тепачки за паркинг, за долг, во кои не ретко се вади и огнено, но и ладно оружје, напади врз малолетници, сообраќајни несреќи...Скопје секојдневно е дел од полицискиот билтен со низа инциденти кои ги вознемируваат граѓаните.

Дали се чувствувате безбедно додека одите по улица, додека возите или паркирате, дали се безбедни вашите деца додека играат или шетаат низа маало? Ова прашање се почесто си го поставуваат скопјани!

Инцидент кој се случи во Кисела Вода ја потресе јавноста. Имено, полицијата уапси млад скопјанец кој крвнички претепал деца.

-Додека едно од оштетените 15-годишни деца седело во кафе барот заедно со неговите соученици, осомничениот влегол заедно со уште две непознати лица, го фатил детето за вратот и насилно го извадил надвор. Давејќи го за врат го однел до подземни гаражи во непосредна близина и со тупаница го удрил по лицето, нанесувајќи му тешки телесни повреди – фрактура на два предни заба, набиеници на усните и потрес на мозокот. Потоа осомничениот во придружба на другите две лица влегол во дворот училиштето, се приближил до уште две 15-годишни деца, удирајќи ги со шлаканици и со тупаница и нанесувајќи им телесни повреди. Осомничениот со насилството предизвикал чувство на страв и несигурност кај присутните ученици и кај други сведоци на настанот, соопшти вчера ОЈО.

Инцидент деновиве се случи и на ул. “Алија Авдовиќ” во близина на црквата каде во пукање е повредено лице од огнено оружје.

-Полициски службеници веднаш излегле на местото при што било констатирано дека, по претходна сообраќајна незгода на истата локација помеѓу патничко возило „фолксваген туаран”, со скопски регистарски ознаки, управувано од пријавителот и патничко возило „сеат алтеа” со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.К.(20) од Скопје, настанала вербална расправија и физички напад, по што Б.Ј.(34), кој според пријавеното бил сопственик на возилото „сеат”, извадил пиштол, кој испукал при обид да му биде одземен, при што со повреда во ногата се здобил Б.Ј., брат на пријавителот, кој заедно со С.Ј., роднина на пријавителот, кој се здобил со повреда при физичкиот напад, биле пренесени во Ургентен центар за укажување на медицинска помош, соопшти полицијата.

На ул.„Македонско-косовска бригада”, Е.И. кој управувал мотоцикл „пиаџо”, со скопски регистарски ознаки, по претходна расправија поради недоразбирање во сообраќајот со А.Х.(38) од Скопје, кој управувал патничко возило „пасат”, со скопски регистарски ознаки, извадил пиштол, но бил спречен да го употреби.

Вчера на твитер, беше споделено видео од физичка пресметка помеѓу неколку луѓе на паркинг во скопската населба Ново Лисиче. Неофицијално, според објавата, причината за пресметката е долг.

Освен овие инциденти што се случија во последните неколку дена, улиците и булеварите во главниот град секојдневно се простор каде се случуваат сообраќајни незгоди. Последниов период скопјани сведочат за се поголемиот број несреќи во кои најчесто страдаат малолетници, но и повозрасни пешаци.

Речсиси секојдневно во полицискиот билтен има и пријави за каснувања од улични кучиња.