Скопје: Град на клонови заглавени во нискобуџетен филм

Скопје е моја љубов, мој град, моја среќа, но навистина ме боли кога гледам во што се претвора. Една од најубавите работи кај Скопје секогаш биле луѓето. Има многу поубави градови, поголеми градови, побогати, почисти, итн., но Скопје секогаш имал душа, срце, а тоа е поради уникатноста на луѓето кои живеат во него.

Но, сѐ почесто го доживувам Скопје како град на клонови, град во кој луѓето толку наликуваат едни на други, што дури не можеш ни да ги разликуваш. Ќе излезеш во диско и сите девојки се копија едни на други. Иста долга коса со додатоци, исти напумпани усти, иста шминка, речиси иста облека. Како да гледаш некој чуден научнофантастичен филм со роботи кои сите добиле некаква човечка форма, ама сите исто и изгледаат. А и мажите не се разликуваат: на сепариња седат истите луѓе, со истите кошули, со пурите, со самобендисан поглед влезени во филм дека се некаква елита и буржоазија чекајќи девојките-клонови да дојдат кај нив и да си замислуваат дека го живеат „Волкот од Вол Стрит“ или некој друг таков филм, само што кај нив, филмовите се нискобуџетни, не се Холивудски, туку маалски филмови. 

А кога живееш во таков филм, не можеш ни да видиш колку тоа смешно и тажно изгледа од страна. Луѓе сме, имаме такви потенцијали во себе, а сепак решаваме да бидеме бледи копии на бледи копии од некаква копија на некаков оригинал. Не се дури ни први копии. 

Секојдневието ни е угушено со истите муабети, истите соништа, истите трачеви раскажани по милион пат само овојпат некој друг клон е мета на истиот рециклиран трач. Сите кафичи се исти, сите сториња на Инстаграм се исти, сите луѓе се исти. 

Каде исчезнаа оние природни девојки со минимална шминка и опуштена енергија кои уживаат во животот? Каде исчезнаа оние природни момци во маички со кратки ракави кои едноставно сакаат да направат интересен муабет?

Кругот сѐ повеќе се стеснува, а оние кои остануваат во него се прелеваат едни во други, без тронка природност и спонтаност, само желба да се биде како сите останати. Се надевам дека природноста ќе се врати, се надевам дека Скопје ќе успее да го врати духот, да се вратат природните насмевки кои ги имавме пред да се појави Инстаграм и пред Фејсбук да биде единственото мерило каде се покажува (читај: глуми) среќа.

Понекогаш, додека шетам низ улиците на Скопје, повремено ќе налетам на природни момци и девојки кои едноставно ќе ти посакаат убав ден или ќе ти направат некој нормален муабет. И тогаш сфаќам дека надежта не е изгубена. Природните и спонтани луѓе се тука, само треба да бидат погласни од останатите. Само така ќе ја вратиме радоста во овој наш убав мал град!