Скопје го има најзагадениот воздух во Европа, тврди професорот Пржо кој ги сподели најчестите митови за аерозагадувањето

Познатиот еколог и професор по биологија Кирил Арсовски Пржо тврди дека Скопје го има најзагадениот воздух во Европа - ова е апсолутен факт.

Тој во објава на својот фејсбук профил даде стручен став за честите митови и факти кои се однесуваат на аерозагадувањето во главниот град.

Неговата објава ви ја пренсеуваме во целост: 

МИТ: Воздухот во Скопје не е загаден, а и да е загаден не можеме да им веруваме на мерењата.

- За состојбата со амбиенталниот воздух во Скопје до сега се објавени помеѓу 100-150 научни трудови, објавени во реномирани научни списанија од домашни и странски автори, гледајќи го загадувањето од: биолошки, хемиски, биохемиски, климатолошки, урбанистички, токсиколошки и патолошки карактер. Сите истражувања упатуваат дека воздухот е енормно загаден.

- Воздухот во Скопје, освен од државниот систем за мониторинг се има мерено во повеќе наврати еднократно, краткорочно и средно-долгорочно со мобилни мерни станици, мобилни сензори, телесни сензори, со сателитски снимки, со дронови, со земање на примероци и транспорт од референтни лаборатории и сл. Сите резултати упатуваат кон енормно загадување. - Загадениот воздух е потврден со низа на меѓународни документи од: Европската комисија, UNDP, UNICEF, Green Peace и бројни меѓународни институти и катедри кои работат на тема амбиентален воздух.

- Иако постои сомнеж кај многумина околу веродостојноста на податоците од државниот систем - овој вакуум е информациски пополнет со други истражувања.

МИТ: Воздухот во Скопје и порано бил загаден ама не сме мерелe па не знаеме.

- Воздухот со Скопје бил многу загаден и за време на Југославија, а и тогаш стручните служби особено оние за јавно здравје и те како биле свесни и алармирале за загаденоста на воздухот.

- Во 1965 на ниво на Федерација е донесен Основен закон за заштита на воздухот од загадување, со што Југославија ги поставува првите мерни граници за загаденост кои се пратат преку инспекции.

- Иако во тоа време на државно и сојузно ниво, еколошката свест не била на високо ниво, сепак историската загаденоста денес може да се докаже преку мноштвото на наталожени загадувачки материи и тешки метали во почвите во околината на Скопје.

МИТ: Скопје не може да биде загадено, кога ниту една фабрика не работи.

- Објавените научни истражувања упатуваат кон екстремно загаден воздух во Скопје, речиси 3 децении по затворањето на големите загадувачи. Овој мит во себе содржи логичка замка. Не значи дека ако нема фабрики, нема денес загадување - зошто загадувањето не доаѓа само од фабриките.

- Cross-cut анализите како главни извори на загадувачи ги набројуваат: домашните системи за греење, сообраќајот, индивидуални индустриски загадувачи, а во последно време и градежната индустрија.

МИТ: Во ниту еден град не може да има чист воздух.

- Иако точки на загаденост постојат низ речиси сите држави во Европа, точки кои се должат на силна индустрија или пак збиени урбани центри, сепак ниту еден главен или милионски град - како што е de facto Скопје, нема вака загаден воздух.

ЗАКЛУЧОК: Загадувањето на воздухот во Скопје потекнува од најмногу од локални емисии кои се засилени поради локалната топографија и лошите атмосферски услови. Ние не можеме да ја контролираме топографијата или климата ама можеме да воведе систем на регулирање на загаденоста заснован на наука и дисциплина, се наведува во објавата на Пржо.