Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и во соработка со партнерите од земјава и странство,  а  во рамките на програмата Еразмус плус,   организира меѓународна обука за млади лица, на тема:  „Младите и безбедноста во сообраќајот“. 

Обуката ќе се реализира во периодот од 01 – 07 Ноември  во  центарот за обука  на СИЗ „ Македонија сообраќај“ – Америт -  Скопје  и на истата ќе учествуваат  околу 40 учесници од  6 различни земји.

Целта на РСБСП  е со  организација на  седумдневна обука  да се подигне културата и етиката кај    младите лице за одговорно учество во сообраќајот, но и  да се поттикнат младите активно  да се вклучат во општествените  процеси за креирање на општество со високо ниво на сообраќајна култура и издигнување на безбедноста во сообраќајот како највисока општествена вредност. Енергијата, силата и иднината е во рацете на младите, а токму преку организација на вакви меѓународни активности се овозможува  вмрежување на младите од цела Европа, можност за заедничко работење и размена на искуства и знаење и градење на заеднички  вредности    – истакна  Претседателот на РСБСП – Стојче Стаменковски.

Како организација која се грижи за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата СИЗ „ Македонија сообраќај“ – Америт со задоволство ја прифати можноста да биде партнер  и поддржувач на оваа меѓународна обука за млади лица.  Покрај организациската поддршка претставници од Америт ќе учествуваат на оваа обука со предавање на тема:  ,,Ризици и закани за младите возачи и возачите почетници во сообраќајот’’.  Убедени сме дека оваа е вистинскиот начин за долгорочно подобрување на безбедноста во сообраќајот и токму затоа АМЕРИТ секогаш ги поддржува сообраќајно едукативните активности кои ги организира РСБСП со партнерите – изјави Иван Илиевски – менаџер за  развој на Америт.

На обуката ќе учествуваат младински партнерски организации од шест земји - Македонија, Романија, Словенија, Германија, Италија и Шпанија и истата ќе се состои од неколку делови и тоа предавање,  практични вежби и работа во групи, организација на јавен настан – кампања,  посета на ЦУКС, и  многу други активности со цел  едукација на младите за безбедно учество во сообраќајот, обука и оспособување на младите за реализација на проекти и сообраќајно едукативни кампањи,  креирање на идеи, иницијативи, предлози  од младите  за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата итн.