Скопје донира 1,2 милиони денари за Венецуела: Не ја забораваме помошта по земјотресот во 1963 година

Град Скопје ќе додели финансиска помош во износ од 1.200.000 денари за справување со последиците од разорниот земјотрес што ја погоди Венецуела, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека Скопје добро знае што значи да се соочи со катастрофален земјотрес, потсетувајќи на трагедијата од 1963 година, кога бројни држави од светот помогнаа во обновата на македонската престолнина.

„Меѓу првите земји што тогаш му подадоа рака на Скопје беше токму Венецуела. Таа солидарност не ја забораваме и денес, кога венецуелскиот народ се соочува со тешки последици од земјотресот, возвраќаме со поддршка и хуманост“, истакна Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје изразија сочувство до семејствата на загинатите и им посакаа побрзо закрепнување на повредените, нагласувајќи дека оваа донација е израз на благодарност и солидарност кон пријателскиот народ на Венецуела.

„Скопје беше изградено со помошта на светот. Затоа денес, кога некој друг има потреба, наша должност е да помогнеме“, порача Ѓорѓиевски.