Скопје добива нов Генерален урбанистички план

Со потпишувањето на денешниот договор помеѓу Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање и официјално почнува процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје.

- Бидејќи станува збор за еден сложен и сеопфатен процес новиот ГУП на Град Скопје 2022-2032 ќе биде изработен со финансиска поддршка на Министерството за транспорт и врски, а во неговата изработка директно ќе се вклучи Агенцијата за просторно планирање со поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, академската заедница, невладиниот сектор, како и од граѓаните како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа. Генералниот урбанистички план на Град Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на период од една декада. Како таков се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот – изјави Шилегов.