Скопје добива два нови легални ѕида за уметниците

Град Скопје во рамки на кандидатурата за Европска престолнина за културата за 2028 година назначува два легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови и слично. Тоа се потпорниот ѕид на улица „Војвода Васил Чакаларов“ („Адолф Циборовски“) по „Реплек“ и ѕидовите од двете страни на булеварот „Гоце Делчев“ под поранешна Стоковна куќа „Мост“, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

Како што соопшти денеска тимот на Скопје 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата, легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници.

Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење на 26 јули 2021 година, на Денот на солидарноста, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје. По тој повод тимот на Скопје 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата, кој е иницијатор на идејата за назначување на легални ѕидови во Скопје организира и акција на цртање на графити на легалниот ѕид на улица „Војвода Васил Чакаларов“ на тема „Солидарност“. Како што е најавено ќе учествуваат седум домашни улични уметници: Ертунч Сали, Давор Кешќец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермал Криезиу.

Акцијата на цртање графити ќе се реализира викендов, на 24 и 25 јули. Акцијата е организирана во партнерство со Младинскиот културен центар.

Тимот на Скопје 2028 на почетокот на 2021 година на предлог на улични уметници од Градот покрена инцијативата за именување на првиот „Легален ѕид – Legal Wall“ во Скопје. Град Скопје ја прифати иницијативата. Со тоа, како што се наведува, Градот во рамки на кандидатурата за Европска престолнина на културата на уште една начин покажува дека ја поддржува урбаната култура и уличната уметност и овозможува разновиден културен израз на различни локации во градот.

Уличната уметност, пред сѐ, пишувањето/цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници.

Легален ѕид/Legal Wall е дефиниран ѕиден простор од поголем размер на одредена локација, кој е одобрен од страна на сопственикот или локална власт/јавната институција за слободно користење за уметничка креација. Како слободен простор за креација легалниот ѕид овозможува на секој заинтересиран уличен уметник да може да создава уметност без временско одредено или законско ограничување. Ова е особено важно за младите улични уметници кои ќе имаат простор да ја развиваат својата креативност и способности за цртање.