Скопје дел од глобалниот протест против климатските промени

Учениците од повеќе од 1000 градови во светот се очекува денеска да ја напуштат наставата како дел од глобалниот протест против климатските промени.

Штрајкот на учениците се очекува да биде најголемиот протест организиран досега од студентското движење „Петоци за иднината” (#FridaysForFuture ). Само во Германија, организаторите очекуваат 140 протести – повеќе отколку во која било друга земја.

И Скопје се приклучува кон протестот, кој ќе започне напладне со декларација со барањата од пред Министерството за животна средина и ќе се одржи пред споменикот од НОБ во кругот на Владата.

„Штрајкуваме за да им порачаме на нашите влади да ја исполнат својата должност и да ни пружат докази“, се наведува во јавниот апел на граѓанското движење Fridays For Future објавен на Фејсбук.

Младите потенцираат дека не ги интересираат изговори кога станува збор за борбата против климатските промени. Прашањето што многу ученици, кои денеска ќе демонстрираат, ќе им го постават на оние кои ќе им забележат затоа што „бегаат“ од часови е: Која е поентата да се оди на училиште ако климатските промени би можеле да ја уништат целата надеж за иднината?

Организаторите на протестот потсетуваат дека светските лидери имаат уште 11 години за да избегнат катастрофални нивоа на глобално затоплување, според извештајот на Меѓународната комисија за климатски промени на ОН (ИПЦЦ) од 2018 година.

Според извештајот, намалувањето на глобалното затоплување бара “брзи и далекусежни” промени во користењето на земјиштето, енергетските извори, инфраструктурата и индустриските системи. Студентите кои протестираат мислат дека досега не е доволно направено.

Невладината организација „350.org“, која ја поддржува мобилизацијата, се надева дека денешните протести ќе бидат пресвртница која нешто ќе промени.

– Тој светски штрајк ќе биде пресвртница во светската историја, момент во кој возрасните ќе научат да ги следат своите деца поради вистински промени, изјави Николас Хаерингер од „350.org“

Тинејџерката што ја разбуди свеста 

И се започна од Грета Тунберг, 16-годишно девојче од Шведска со нејзиниот соло-протест во август минатата година.

Нејзиниот говор на конференцијата на ОН за климатски промени во Катовице, Полска лани во декември, ги занеме светските лидери и лидерите на некои од најпознатите светски движења.

– Вие зборувате само за зелен економски раст, бидејќи сте премногу исплашени да бидете непопуларни. Вие зборувате само за движење напред со истите лоши идеи со кои нè вовлековте во овој хаос, дури и кога единствената разумна работа е да се повлече сопирачката за итни случаи. Вие не сте доволно зрели да го кажете тоа онака како што е. Дури и тој товар ни го оставате на нас децата.Но, мене не ми е грижа дали ќе бидам популарна. Се грижам за климатската правда и за Планетата. Нашата цивилизација е жртвувана за можноста на многу мал број луѓе да продолжат да прават огромни суми пари. Нашата биосфера е жртвувана, така што богатите луѓе во земји како мојата да можат да живеат во луксуз. Луксузот на малкумина се плаќа со страдања на многумина, им порача малата Тунберг.

Магазинот „Тајмс“ ја прогласи Турнберг за еден од највлијателните тинејџери за 2019 година, а тројца норвешки пратеници ја предложија 16-годишната активистка за Нобелова награда за мир.

– Ја номиниравме Грета бидејќи заканата од климатските промени може да биде една од најважните причини за војна и судири, истакна парламентарецот Фреди Андре Уевстегард, истакнувајќи дека големото движење кое Грета го започна е „многу важен придонес за мирот“.