Скопјанка заработила 1.500 евра ветувајќи лажни вработувања во пошта

Жена од Скопје на пет лица од Штип им ветувала дека ќе ги вработи во пошта, а за тоа побарала и зела од нив 92.900 денари.

СВР-Штип поднесе кривична пријава против О.С.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени пет кривични дела „измама“.

„О.С. во периодот од декември 2016 година до август 2017 година со намера да се стекне со противправна имотна корист довела во заблуда пет лица од Штип. Таа лажно прикажувала факти дека е вработена во Дирекцијата на ‘Македонски пошти’ и дека ќе им посредува за вработување при отворање на нова поштенска филијала на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип“, соопшти МВР.

На петте лица жената им ветила дека ќе ги вработи како шалтерски работници и притоа ги навела да ѝ дадат пари за вадење на потребните сертификати. На овој начин пријавената се стекнала со противправна имотна корист од 92.900 денари.