Скопјанка: За да го плаќам факултетот морам секое лето да работам сезонска работа во Црна Гора

Животот не е секогаш мед и млеко. Некогаш знае да биде многу лесен, но некогаш да биде тежок. Слична како судбината на младата студентка од Скопје, Тамара, имаат многу деца во Македонија.

Таа потекнува од работничко семејство. Пред неколку години фирмата на татко и, каде што работел многу години се затворила. Тој останал без работа. За кратко иста приказна била и со фирмата каде што работела мајка и. Од тогаш до денеска нејзините родители никако не можеле да најдат стабилна работа. Работат на едно место, па на друго. Некаде платите доцнат и со месеци, а некогаш и не ги добиваат. Годините оделе напред. Тамара се запишала во средно училиште, и била со одличен успех. Но, уште додека учела знаела дека факултетот е невозможен за неа. Тамара се распрашува и откако завршила учебната година заминала на работа во Црна Гора, сезона работа да продава сладолед. Платата и била 400 евра, со платено сместување и храна. Среќата сепак била на нејзина страна. Успеала да собере пари за да се запише на факултет.

-Додека сите мои другари правеа планови каде ќе се запишат на факултет, јас плачев. Знаев дека моите немаат за да ми дадат, а знаев дека ако не учам понатаму, може да ме снајде истата судбина како нивната. Случајно дознав за работата во Црна Гора, се распрашав убаво и дојдов во контакт со сопственикот на ресторанот. Тој ми прати пари за карта и јас заминав таму.  Додека сите мои врсници, уживаа во летото после матурата, јас работев, ама бев среќна. Знаев дека ќе запишам факултет. Работев цели 3 месеци. Дома донесов пари. Имав за упис имав за книги. Крпев ден за ден со тие пари. Наредното лето иста приказна. Но, јас никогаш не се жалам, напротив среќна сум што успевам во тоа што го сакам, раскажува Тамара.

Таа вели дека тие три месеци нема слободен ниту еден ден. Работа од утро до мрак. Туристи во секој момент.

Тамара сега ја завршува третата година, од септември ќе е апсолвент. И оваа лето ќе оди во Црна Гора и ќе работи. Вели дека никогаш нема да се откаже, а се надева дека еден ден ќе се исплати нејзиниот труд. Таа додека студира, паралелно оди и на пракса со сметководствено биро, се надеж дека така ќе и биде полесно утре за вработување.