
Скопјанката Емилија вчера сподели објава на Фејсбук, во која раскажува за непријатната случка која ја имал нејзиниот малолетен син со своите другарчиња, како и отварајќи го прашањето за тоа каде треба да им биде местото на полицијата.
Во објавата таа пишува дека нејзиниот син, со своите четвори другарчиња - сите петтоодделенци, додека играле фудбал во парк на игралиштето на Работнички, биле нападнати од повозрасен малолетник, кој покрај тоа што бил насилен кон нив, им барал и пари.
„Само за информација дека околу 15 часот, во парк на игралиштето на Работнички, помалиот син и уште 4 другари (5то одд), кои играле таму фудбал им се пуштил да ги малтретира и тепа еден од 5-6 деца кои биле околу 13-14 години (збореле албански). Само едниот од нив бил насилен, барал пари, па после му се пуштил на синот со клоци и шамари, а сакал и да му го земе точакот на еден од другарите кои биле со синот. Успеале да избегаат, а другите од друштвото на насилникот го тргале да не ги закача нашиве“, раскажува скопјанката.
За среќа вели дека нема поголеми повреди, освен стрес кој го претрпеле, за кој се надева дека нема да има последици врз нив.
Исто така, додаде и дека во тој момент во близина имало некои работници, и еден од другарите на нејзиниот син буквално, како што вели, ги влечел за да им помогнат, ама за жал никој не реагирал.
„Каде е полицијата, сред ден, на спортско игралиште, не во парк било каде, не на забутано место, на спортско игралиште. Срамота, да не смееш дете да пуштиш да спортува, едвај се откачија од Дрвен, сега се префлија на спортски терени, а полицијата ја нема, ете тоа е нашево сигурно и обезбедено Дебар Маало. Можете да го споделите постов со цел поголема внимателност и разговор со децата“, пишува скопјанката Емилија во објавата на Фејсбук.