Скопјанка: Соседите мојот дом го нарекуваат “куќа од пеколот” бидејќи живеам со 20 мачки

„Мачката има целосна емоционална искреност. Луѓето, од една или друга причина, можат да ги сокријат своите чувства, но мачката не може“ – Хемингвеј

Скопјанката Лидија има 36 години. Таа од пред некоја година живее сама. Првин починала мајка и, а за кратко и татко и. Сестра и е омажена во Словенија и таа останува тука да живее сама. Работи во познат скопски маркет, оди на пливање речиси секој ден, а дома друштво и прават околу 20 мачки и две кучиња.

Таа секогаш сакала животни, вели, ако и дозволеле родителите можеби и тигар би донела дома. Чувала секакво домашно милениче, но сега акцент најмногу им става на мачките.

Почнала со една мачка и со текот на времето нивната бројка постојано се искачувала. Вели дека еден момент имала дури и над 30 мачки.

-Тие ми се како дел од семејството. Јас немам никој. Сестра ми е во странство. Доаѓа еднаш, до дава пати годишно во Македонија. Мачките ми се. Сите ги чувам внатре. Спиеме заедно, јадеме заедно, се тушираме заедно. Уживам со нив. Тие не пречат на никој. Имам заграден двор, па и не излегуваат надвор. Соседите ме гледаат како непријател. Ме нарекуваат жена хорор, или куќа од пеколот, бидејќи според нив мачките се животни на пеколот... Бев запрепастена кога го слушнав тоа. Никогаш не им прават штета. Што да кажам јас, што нивните кучиња лаат по цела ноќ? Е тие пречат, а не мачките кои не се ни приметуваат... Знаат често пати да дојдат и да ме “советуваат” дека не ми ги треба, да ги фрлам, да си чувам една ако сакам... Знаат да му спуштаат муабети. Кога одам по улица често слушам муабети зад мене. Ќе горам во пеколот, заедно со мачките, раскажува Лидија.

Таа вели дека многу пати досега се случило некоја мачка да ја снема. Неколку пати има најдено отров пред капијата, многу мачиња и имаат убиено, згазено со автомобил, мачено...

Таа секој месец од својот скромен буџет дели за нив. Им купува храна, каква што треба. Вели најтешко и е, кога мора да оди некаде на повеќе денови, бидејќи ретко кој сака да ги храни истите.