Скопјанка раскажува: Се вљубив, но не знаев дека тепа девојки

Не можам да го откачам. Постојано ми пишува, се јавува, бара да ги запознае моите родители, да ме води со себе во Истанбул и да му станам жена. Наоѓам начини да го избегнам, да не се видам со него, му кажувам дека ништо не може да биде меѓу нас, но не ме слуша. Упорен е и тоа почнува да ме плаши.

Го запознав сосем случајно, во Скопје, пред три месеца. Беше четврток, останав на работа до подоцна и наместо да си одам дома, се сретнав со другарките. Си рековме само на еден пијалак ќе одиме и потоа секоја дома.

Сепак, како и многупати претходно, не останавме само на една пијачка. Со енергија како да сме тинејџерки, одевме од кафуле во кафуле. По секој локал бевме сè попијани и уште повесели, но и сè помалку свесни за себе.

Лудувањето нè одведе во клуб кој работи до подоцна. Како и на претходните места, шанкот ни беше целта. Отидовме таму, нарачавме и пред да наздравиме, се свртев да видам кој е до мене. Таму беше тој. „Колку убав дечко“, си помислив.

- На здравје – му реков и ја кренав чаша кон него.

Прво ме погледна зачудено, но брзо се снајде. Ја крена и тој чашата, наздравивме и испивме на екс. Ме погледна право в очи. Не чекаше многу и веќе му даде знак на шанкерот.

- Дај уште две! – му рече на келнерот и набргу в раце имавме новa тура пијачки. Повторно наздравивме.

Ми се претстави: – Мурат.

- Милена – му реков.

Беше пријателски настроен како да се знаеме со години. Лесно ни одеше разговорот, секако, на англиски. Толку се занесов, што заборавив на другарките.

Бев веќе пијана. Сè ми беше смешно. - Одете, гледаш дека си најдов султан овде. Ќе се чуеме – ѝ реков на другарката. Таа само се насмевна и ме остави со Мурат.

Заминавме од локалот. Се качивме во такси и немав идеја каде одиме. Сакав да му речам да ме одведе дома, но од пијанството немав сили веќе. Седев потпрена до него на задното седиште, додека таксистот полека нè возеше некаде зад Скопската чаршија.

Не го познавав местото. Паметам само дека пишуваше „Хотел“. Влеговме внатре, дојдовме во, веројатно, неговата соба. Веќе бевме прегрнати. Работите почнаа да се одвиваат некако пребрзо. Го почувствував блиску до мене, со рацете околу мојата половина. Ме бакна в образ, па во вратот, па повторно в образ.

Се исплашив. Не сакав веднаш да спијам со него, а немав сила да го оттурнам. Тогаш судбината изгледа застана на моја страна. Кога помислив дека ќе продолжи, тој престана.

- Сакаш пијалак? Ќе ставам – ми рече. Тогаш ми олесна.

Сакав да се држам што подалеку од креветот. Да не му дадам повод за нешто повеќе. Но, уморот веќе ме совладуваше. Не можев да додржам, легнав, колку и да не го сакав тоа. Повеќе не можев да си ги следам мислите, немав сила за ништо повеќе, ги затворив очите. Заспав.

Кога се разбудив, надвор веќе беше ден, а јас покриена со ќебе. Сè уште ја имав истата облека на себе. Мурат веќе разбуден, седеше на фотелјата. Ништо не се случило ноќта, ме оставил да спијам. Тоа ми се допадна. Ми упати насмевка за добро утро.

Можеби ќе имавме можност да почнеме да се запознаваме утрото, но беше петок и морав брзо да заминам на работа. Ми го даде својот број, а јас му дадов мојот. Ветив дека ќе се чуеме и заминав.

Не поминаа неколку часа и добив порака: „I hope your day is fine. I’d love to see you again“/ Си реков, зошто да не, човекот е сосема на место и не изгледа како да е од оние што сакаат само да однесат девојка в кревет и потоа да исчезнат. Му одговорив дека можеме уште вечерта да се видиме.

Продолжува на следната страна...

Имав трема кога одев на состанокот, но излезе дека била залудна. Мурат изгледаше уште попривлечно, ме пречека со широка насмевка и се однесуваше џентлменски.Беше харизматичен и суптилно додворувачки настроен, па почна да ми го привлекува вниманието. Ми објасни дека е од Истанбул и дека во Скопје допатувал пред неколку дена по работа.

До крајот на вечерта веќе седевме ден до друг, прегрнати. Се чувствував пријатно и сигурно со него. Сè повеќе сакав да го бакнам. Во еден миг не додржав и му се втурнав в лице. Малку се сепна, но бргу прифати. Бакнежот беше неверојатен. Продолживме да се бакнуваме цела вечер.

Кога станавме да си одиме, премолчено знаевме дека нема да одиме во неговиот хотел. Сакавме работите да се одвиваат бавно, но стабилно. Ме испрати до дома и се договоривме да се видиме следниот ден.

Продолживме да се гледаме и сè повеќе да се запознаваме. Одвај чекав да завршам со работа и да го прегрнам. Но, на моите пријателки тоа не им се допаѓаше, иако немаа предрасуди кон луѓе од друга националност. Не ѝ кажав ниту на мајка ми, а уште помалку на татко ми. Сигурна бев дека ќе реагираат затоа што сум се заплеткала со човек од друга вера. Решив оваа врска да ја чувам како тајна, барем за родителите.

Станав свесна дека се заљубив. Сакав за тоа да им зборувам на пријателките, ноколку што станував поблиска со Мурат, тие толку повеќе се обидуваа да ме премислат. Им се налутив и им го свртев грбот. Не сакав да ги слушам. Верував само во Мурат и во неговата искреност.

Тој беше идеален, човек каков што барав, откако претходно се имав „изгорено“ со домашни фраери. Воопшто не се изненадив кога ми рече: – Дојди со мене во Истанбул. Тогаш се согласив на тоа. Бев спремна да заминам со него и без да им кажам на родителите.

Сепак, сè што идеализираме еден ден се руши. Мурат, колку и да беше отворен со мене, постојано нешто скриваше. Никако не ми ја откриваше вистинската причина поради која е дојден во Скопје.

Една вечер, една недела пред денот кога планиравме да заминеме за Истанбул, седна пред мене и ми рече дека сака отворено да зборуваме. Тоа ме исплаши, но прифатив и бев спремна да чујам што ќе каже.

Тоа што следуваше беше шок. Мурат бил женет со девојка од Македонија и со неа живеел во Турција. Еден ден случајно открил дека таа го изневерила. Прво што направил, ја истепал.

- Ја заклучив и една недела ја тепав без престан – рече сосема смирено и додаде: – Морав да го направам тоа, си го заслужи. Требаше и повеќе да ја тепам.

Тоа ме шокира. Зарем може џентлмен, каков што се претставуваше пред мене, да биде толку насилен. Сакав веднаш да станам и да избегам. За миг се замислив себеси заклучена некаде во Истанбул, со неговите тупаници и боксови врз мене. Тоа беше кошмар.

Но тој не престануваше. Продолжи да раскажува дека таа го искористила неговото невнимание и избегала, по што заминала во Македонија. Сега беше дојден да ја најде. Не можев ни да замислам што би направил ако ја пронајде. Не сакав да седам до него вечерта. Под изговор дека не ми е добро, бргу си заминав.

Продолжува на следната страна...

Следниот ден уште рано утрото ми пиша: „Треба да заминам порано за Истанбул, да се видиме вечерва“. Сакав да го одбијам, но со оглед дека ќе заминува, си помислив дека е подобро да прифатам, па да му објаснам дека нашата приказна треба престане.

- Одведи ме кај твоите родители. Да ги запознам и да им кажам дека ќе живееш со мене во Истанбул – ми рече кога се сретнавме.

Се обидов да му објаснам: – Размислив, јас и ти не сме еден за друг. Сето ова е избрзано. Како прво, не се знаеме, ти живееш во друга земја, моите тоа нема да го прифатат. Те молам замини си и не барај ме – реков, мислејќи дека тоа ќе го прифати без проблем.

Се излажав.

- Ти ќе дојдеш со мене. Сега си збунета. Јас сум сериозен. Ќе ги запознаеш моите родители и ќе видиш колку ќе ти биде убаво – ми одговори како да не слуша што му кажувам.

Вечерта ни помина во разубедувања, при што имав чувство дека зборувам со ѕид. Никако не можев да го разубедам и да му објаснам дека не сакам ништо повеќе со него. За среќа, следниот ден имаше лет за Истанбул, па рано си заминавме. Се обиде да ме прегрне, но му се извлеков. Додека влегував во мојата зграда, го слушнав како рече: – Ќе дојдеш кај мене дома, ќе видиш и ќе го смениш мислењето.

Следните денови продолжи да ми пишува. Му давав постојано исти одговори: „Не барај ме, сè беше избрзано“. Секако, не го интересираше што му пишувам.

Ми одговори дека ќе дојде во Скопје за две недели. Знаев дека ќе го направи тоа.

Набрзина испланирав и токму во деновите кога рече дека ќе допатува, заминав во странство. Му реков дека сум на службен пат, да не ме бара. За среќа, тогаш го избегнав. Но, тој не се откажа од намерите.

Пред две недели рече дека е решен да се венча со мене. Најави дека ќе дојде кон крајот на март и дека сака да ги запознае моите родители и од нив да бара дозвола. Оттогаш постојано сум во паника. Знам дека ќе дојде и дека е сериозен во намерите.

Време е да им кажам на родителите со што се соочувам, се надевам дека тие ќе ми помогнат. Знам, нема да бидат среќни кога ќе чујат како влегов во оваа приказна. Се надевам дека набрзо ќе заврши.