Скопјанка раскажува: Родителите, семејството и пријателите се срамеа од мене бидејќи се разведов и имав дете

Возрасна скопјанка која денеска има речиси 60 години, со солзи во очите се сеќава на еден тежок период од својот живот.

Млада се омажив. На 18 години. Со тогашниот сопруг се знаевме само 4 месеци. Тој од еден, а јас од друг град. Колку можевме да се видуваме. Тогаш беа други времиња. Немавме телефон, интернер, а и родителите беа построги. Не дозволуваа да излегуваме кога сакаме и да одиме било каде. Далечината си го направи своето. Решивме повеќе да не се мачиме така, туку да се земеме.

И ете се изгледаше убаво, додека не отидов во таа куќа. Хоророт започна уште од првиот ден. Уште на врата до знаење ми дадода свекорот и свекрвата кој е главен во тој дом. Јас бев само споредна личност. Според нивните зборови јас требав само да раѓам деца, под услов машки за да се продожува лозата. Наследството да има на кој да се остави.

Правевме свадба. Тогаш беа поразлични свадбите. Парите кои што ги собрав јас од свадба и мојот сопруг, тие веднаш ни ги земаа, под изговор дека ние сме млади и нема да знаеме како да се грижиме и рационално да ги трошиме.

Секој празник јас го поминував со солзи. Не ми дозволуваа да одам на гости кај моите, со изговор дека јас сега имам друго семејство.

Полека покрај психичкото, започна и физичкото малтертирање. Мојот сопруг веќе не беше ист. Одеше наутро на работа, и не доаѓаше дома по цел ден.

Родив ќерка. Постојано ме навредуваа ми спуштаа муабети дека сум неспособна да им родам наследник. Еден ден изедов толку многу ќотек, од сите тројца, бидејќи детето беше качило температура. Ме обвинуваа дека јас сум виновна за тоа.

Веднаш решив да ја напуштам куќата. Го земав детето, земев нешто облека со мене и излегов. Отидов на автобуска. И за среќа, го фатив послецниот автобус кој одеше до Скопје.

Но, за жал тука не завршија моите маки.

Кога отидов кај моите веќе беше доцна. Заѕвонив на вратата, тие спиеја. Ми отвори татко ми. Се изненади кога ме виде со дете и како плачам. Влегов внатре. Им ја ракажав приказната. Но, за жал не наодов на разбирање од моите родители,од мојот брат. Не ме обвинуваа, туку ми велеа дека сум срам за семејството. Треба да седам таму и да молчам, да трпам. Како тие сега ќе ги погледнат роднините, пријателите и соседите во лице.

Не знав што да правам со себе, но и со моето дете, кое имаше само шест месеци.

Ми рекоа само привремено да останам кај нив и после тоа јас сама да одлучам. Индиретно сакаа да кажат дека нема место за мене повеќе во таа куќа.

Плачев по цели денови и ноќи. Не знаев кој е вистинскиот и правилен избор. Но, само знаев дека никако не сакам да се вратам во куќата на мојот сопруг.

Моите баба и дедо беа тука за мене. Тие живееја на село, сами, во мала куќичка. Се занимаваа со земјоделство, чуваа животни. Ми ги отворија вратите. Ми дадоа кров над глава. Ми дадоа поддршка. Само тие. Никој друг. Родителите, семејството, пријателите се срамеа од мене, бидејќи сум разведена плус со дете. Во тоа време разводите беа многу ретки, не е како денеска. Не дека и тогаш се било идеално, туку трпеле и молчеле.

Се разведов од сопругот. А тој никогаш повеќе не побара да го види своето дете.

Јас само го исчував, го школував.

Денеска сум баба на две внучиња. Уживам со мојата ќерка, со моите внуци. Убава ми е сегашноста, но многу сакам да го заборавам минатото.