Скопјанка која работи во Грција: Не сум предавник, едноставно барам само подобра егзистенција

Во последниов период во Македонија особено е актуелна темата за спорот со Грција. Многу Македонци си стојат на свој став дека Грција ни е непријател и никогаш нема да стапнат на нејзина територија, и постојано осудувајќи ги оние кои одат таму, особено во летниот период.

Марија е девојка од Скопје. Таа пред седум години дипломирала на педагошкиот факултет во Скопје, но никогаш не работела во својата струка. Работела се друго, само не била наставничка. Нејзината плата никогаш не била поголема од 12.000 денари. Некогаш била и многу помала, а некогаш и не била платена со месеци за она што го работела.

Таа веќе една година работи во Грција, во едно семејство како бебиситерка. Чува две мали дечиња. Секој викенд таа си  дома со своите. Вели платата и е солидна. Има платено сместување и храна. Не е далеку од домот. Си патува со свој автомобил и е задоволна.

Марија вели, дека постојано и е смачено да ги слуша едните исти коментари од луѓето околу себе, дека таа е предавник, дека таа не си ја сака сопствената татковината и својот идентитет.

-Да си ја сакам татковината, си го сакам својот идентитет, ама од тоа не се живее. Со мизерна плата, во никој случај. Да работиш од утро до вечер во фабрика, а си со факултетска диплома, не се живее. Да мораш да издржуваш семејство, кое не е способно да работи. Јас имам само мајка која е инвалид, и која зема мала пензија. Татко ми е починат. Имам сестра која е на факултет и уште ден помал брат. Јас учев. Моите ми овозможија. Јас сега ќе работам, ќе им овозможам и на сестра ми и брат ми. И не сум предавник. Тука последен пат, работев во текстилна фабрика во смени. Платата беше 10.000 денари, која со месеци не ја земав. Епа, драги патриоти, тука платата ми е 1000 евра. Разликата е огромна. И немам намера да ви се оправдувам, само ќе ве замолам да не ги провоцирате луѓето кои бараат и се борат за подобар живот. Ниту јас не сакам да бидам далеку од своето семејство. И јас сакам да сум дома. Но, ете нашата судбина е таква. Верувам дека судбината на тие патриоти кои ме осудуваат е поинаква. Не ви посакувам да бидете на моето, но и вие би барале нешто подобро за себе, верувајте, вели Марија.