Скопјанка која чисти домови: Не се срамам од професијата “чистачка”, чесно работам, платата ми е солидна

Во минатото професијата “чистач” и не била толку популарна. Се знаело дека чистачи има во институции, фабрики, училишта. Денеска се повеќе се бараат таквите луѓе, кои за дневница треба да исчистат нечиј дом.

Онаа професија која ја работиш чесно и чесно си ги заработуваш парите, не е срамно, иако денеска често знае со други очи да се гледаат овие луѓе.

Станка е од Скопје и таа веќе седум години, чисти по куќи и станови во главниот град. Таа не се срами од својата професија, бидејќи како што вели самата, не може да очекува да работи нешто друго, бидејќи има само осмо одделение. Нема работа за оние со училиште, а не пак за другите. Таа не моли за прошка, туку решила да работи, па дури и да чисти домови.

-Почнав со по еден, до два дома месечно. Почна да се шири веста, па луѓето почнаа постојано да ме викаат. Денеска, некогаш работам и по 12 часа на ден. Постојано некој ме бара. Не се срамам. Си ја знам работата. Често наидувам на неубави коментари и непочитување од страна на домаќините, бидејќи знаат некогаш навистина да се однесуваат со мене неубаво. Гледам секакви работи. Денеска домаќинките, не се како порано. Не си ги мијат ниту садовите, а не пак да чистат. Си имаат, пари, па си плаќаат, некој да им измие садови, да им избрише прашина, да им намести кревет, да им испегла алишта. Сите домашни обврски. Некогаш и правам јадење. Имам работа многу, но на крај на денот не се жалам. Секогаш земам добри пари,  и тоа многу повеќе од минимална македонска плата, раскажува Станка.

Работа има, само е потребно да се работи. Таа веќе цела година бара жена, една или две, кои ќе и помагаат, но како што вели, или ќе дојдат ден, два и потоа ги нема. Се откажуваат од тоа, да мијат садови на други жени, или пак да им го местат креветот.

Таа упатува апел до сите, да не се срамат од работата која често си ја работат и од платата која чесно си ја заработуваат. Во странство, чистачите на домови, се платени доста многу, и никој не гледа лошо на нив, што и не е пример во Македонија.