Скопјаните Тања и Бошко се новите невеста и зет на „Галичка свадба 2017“

Скопјаните со галичко потекло Тања Чаловска и Бошко Лепчески ќе бидат младенци на „Галичка свадба 2017“ која ќе се одржи наредниот викенд, 15-ти и 16 јули. Триесет и едногодишниот правник и 28-годишната економистка се запознале пред седум години токму во Галичник каде што идната недела ќе бидат и венчани во црквата „Св. Петар и Павле“.  

По подолго време се случува на Галичка свадба двајцата младенци да имаат потекло од Галичник. Свадбарските обичаи им се познати зашто заедно со нивните родители секое лето учествувале на оваа манифестација.

- Веќе 15 години учествував на Галичката свадба и имав желба да бидам невеста. Остварување на мојот сон е тоа што ќе ја продолжам традицијата на моите предци, рече на прес-конференција Чаловска, која на свадбата ќе носи фамилијарна носија стара еден век и необлечена повеќе од 50 години. Носијата сосе историски вредниот накит што ќе ги носи тежат околу 25 килограми. 

Младоженецот Лепчески, исто така, нагласи дека е задоволство и чест да се продолжи вековната традиција на обичаи и песни во, како што рече, едно библиско место како што е Галичник. 

 Александар Костиќ, претседател на Месна заедница Галичник, соопшти дека на свадбата ќе учествуваат 150 лица облечени во галички носии, ќе има десетици коњи, а свадбарските обичаи и ора, меѓу кои и „Тешкото“, ќе се одржуваат во автентични куќи и на повеќе од десет локации на оддалеченост од 2-3 километри.

Свадбата ќе почне в сабота, 15 јули, во 19.30 часот, со китење, редење на бајракот и фрлање пушка. Наредниот ден во 9 часот наутро  ќе продолжат обичаите меѓу кои централен настан ќе биде нивната венчавка во црквата „Св. Петар и Павле“. Во пресрет на свадбата, во петок 14 јули, во Галичник ќе има рокенрол журка со настап на групите „Укален“ и „БендОфф“. 

- Во неделата, 16 јули, во Галичник очекуваме повеќе илјади туристи. Ќе биде организиран посебен сообраќаен режим. Посетителите своите возила ќе може да ги остават на фудбалското игралиште близу Галичник, а потоа со организиран превоз со комбиња ќе бидат превезени до влезот на Галичник, рече Костиќ. 

Со Галичката свадба ќе биде отворено и годинашното Галичко културно лето, во чии рамки се 24. Галичка книжевна колонија во организација на Здружението „Галикул“ на која ќе учествуваат домашни и странски писатели, како и 28. Галичка ликовна колонија на која гости ќе бидат осум уметници од Израел, Индија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Косово и Бугарија. 

И оваа година Галичката свадба е поддржана од Министерството за култура. Советникот од Министерството Петрит Сарачини рече дека секоја година е се поголем бројот на посетители од земјава и од странство на манифестацијата која, рече тој, е огромно културно богатство и ризница на традицијата во Република Македонија.

- Министерството за култура ќе ја продолжи поддршката, но целта е таа да биде структурна, обмислена и системска, бидејќи Галичник не е познат само по Галичката свадба, таму има многу културни објекти, многу значајни архитектонски дела, големи и важни приказни од традицијата на Македонија. Сметаме дека од сето тоа треба да се направи организиран систем кој ќе придонесе за зачувување на културното богатство, но и за развој на културниот туризам, додаде Сарачини. 

Галичката свадба е своевиден театар на отворено, а ја слави и чува традицијата од минатото поврзана со Петровден и свадбите кои на тој празник ги правеле печалбарите од мијачкиот крај.