Скопјани знаат и љубезно да молат, но ако не успее убавите зборови ги претвораат во пцости и клетви 

„Паркирав само на 5 минути да купам нешто, како баш мене ме фативте“, ова е стандардната реченица која повеќето од сопствениците на возила  ја кажуваат како спас  од моментот кога ќе забележат дека пајак службата  се спрема да го крене нивното возило кое е непрописно паркирано.

Скопјани често пати знаат и љубезно да молат, но доколку воочат дека не им успева таквото однесување убавите зборови ги претвораат во пцости, клетви  и закани.

“Се случи да кренеме возило паркирано во трева, а во него да ти имало човек, не видовме дека во него има некој. Дури кога веќе возилото го кренавме, тогаш заспаниот се освести и „пајакот го ослободи“.Често се случува кога сопственикот на возилото ќе го затекне „пајакот“ во акција да влезе во него, да ги заклучи вратите и да одбие да излезе, мислејќи дека така ќе го спаси возилото, раскажува вработен во пајак-службата.

Од МВР информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци.

Шеесет и пет возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, шест возачи поминале на крстосница на црвено светло,  како и 10 возачи за не користење на заштитен шлем. Санкционирани биле и двајца пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин.

Од сообраќај биле исклучени 40 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 45 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и 10 возачи почетници, како и едно технички неисправно возило, 42 нерегистрирани возила и три возила за претовар. Затекнати биле 249 непрописно паркирани возила.

Со помош на  специјалното возило пајак, отстранети биле 123 возила.