Скопјани во последните години го прифатија велосипедот како превозно средство и лек за градскиот сообраќаен метеж

За осум години речиси трипати е зголемена сумата за увоз на велосипеди, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Тоа според граѓанската иницијатива “На точак” е потврда дека по шест години колку што се залагале да се зголеми користењето на велосипед во Скопје, е мрднато од мртва точка, но се уште има многу недостатоци. Големо влијание на зголемување на бројката, наведуваат од граѓанската иницијатива се должи на воведувањето на субвенци за набавка на нов велосипед.

– Многу жители на главниот град во последните години го прифатија велосипедот како превозно средство и лек за градскиот сообраќаен метеж. Бројот на велосипедисти од година на година расте. На таа бројка, големо влијание имаат и субвенциите за новокупени велосипеди кои веќе неколку години по ред ги даваат повеќе општини, но за жал развојот на инфраструктурата и културата не успеваат да го стигнат истото темпо на развој, велат од “На точак”.

Во среда, на 30 мај 2018 година, со почеток во 17:30 часот од плоштад “Македонија”, граѓанската иницијатива ќе ја започне роденденската “Критична маса”, настан кој бележи шест години постоење и континуитет, под слоганот „Скопје врти кон светлата страна”. По 73. пат, и оваа последна среда во месецот, скопјани ќе возат заедно велосипед за да потсетат дека и по шест години борба за подобри услови за велосипедистите, градот е се уште далеку од она кое можеме да го видиме како пример во земјите со развиена велокултура.

– Скопје се декларира како зелен град со амбиција да стане велоград. Во 2015 година беше промовиран проектот “Скопје Велоград 2017”, кој опфаќа оспособување на 4 главни велорути што е всушност патеки за велосипедисти од околу 80 км. Иако проектот требаше да биде финализиран до крајот на минатата година, во мај 2018 година проектот не е завршен ни до пола, а е продолжен под името “Скопје Велоград”, потенцираат од иницијативата.

Скопје нема ниту функционален систем за изнајмување на велосипеди и овој модел на транспорт, за жал, е привилегија само на оние кои поседуваат сопствен велосипед. По шест години, велосипедистите веруваат дека проблемот со украдени велосипеди, се уште не се третира сериозно од страна на полицијата, а бројот на жртви во сообраќајот не се намалува, истакнуваат од таму.

– Иако градот не се трансформира во велоград со темпото кое е посакувано, сепак изминатиот период видовме и многу позитивни промени. Скопје, од ден на ден, добива по некој метар на нова велосипедска патека, по некој спуштен рабник, ја доби и првата велосипедска лента на бул. Св. Климент Охридски, неколку велосипедски семафори, нови, но недоволно бројни паркинзи за велосипеди, столпчиња за заштита на пешачките и велосипедските патеки, а пред некоја недела се врати на должност и полициската единица на точак. Секако, најголемата и најважната промена се растечкиот број на граѓани кои го практикуваат велосипедот како секојдневно превозно средство и веруваат дека Скопје може да биде функционален град за велосипедистите, потенцираат од “На точак”.

“На точак” ќе ја одбележат шестгодишнината на континуираните напори за трансформација на главниот град кон “светлата страна” со возење низ улиците и вечерна забава која ќе се одржи на платото пред НУБ “Св. Климент Охридски”, каде што ќе има изложба на сите досегашни постери и пораки од “Критичните маси” и други активности.