Скопјани сѐ уште можат да се пријавуваат за субвенции за печки на пелети

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека во тек е јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети.

Граѓаните што ќе купат печки на пелети заклучно со 21 мај годинава, ќе добијат дел од трошоците за набавка во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство, информираат од Град Скопје. Оттаму додаваат дека повикот ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Инаку, како што нагласуваат градските власти, целта на овој јавен повик е да се унапреди квалитетот на воздухот и да се намали загадувањето на истиот, особено од партикуларните честички од затоплувањето на домовите што не се приклучени на централното греење.

Повикот беше објавен на 5 април годинава и е предвидено да трае 45 календарски дена, заклучно со 21 мај или додека не се исцрпат средствата од буџетот на градот предивидени за оваа намена. Досега до Град Скопје се поднесени 163 барања за субвенции.