Скопјани се жалат: Шоферите во автобусите на ЈСП се однесуваат како каубојци

Изминатиот период се почести се жалбите од страна на користиниците на јавниот превоз упатени до дел од возачите на атобусите.

Патници се жалат на пребрзо возење, на незастанување на утврдените станици, има поплаки за одредени возачи дека пуштаат гласна музика, дека возат а истовремено зборуваат на мобилен телефон, за наводна селекција на патници од страна на контролорите.

Она што го забележуваат оние што секојдневно го користат јавниот градски превоз е дека сѐ уште има возачи во приватните автобуси што пушат цигари. Има и такви што на високи температури бидејќи немаат клими во возилата, наместо уредно облечени, зад воланот да седат со долна маица и со крпа на вратот. Други, пак, возат и на цела релација разговараат со некој пријател или на мобилен телефон.

За да се реагира во најбрз можен рок, неопходно е да се достави опис на случајот: ден, време, број на линија, број на возило или регистарска табличка. Во случај на поплака за контролор, се доставува бројот на легитимацијата на контролорот, која неопходно ја поседува секој од нив. Во одредени случаи како доказ може да се достави и фотографија, на пример доколку возач вози и зборува на мобилен телефон или пуши – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

Од претпријатието велат дека секој што сака да се пожали може да достави конкретни податоци за случајот до неколку адреси. Поплаките, односно жалбите можат да се испратат исклучиво во инбокс на фејсбук-страницата на ЈСП, https://www.facebook.com/jspskopjee/ или во делот на прашања/одговори/поплаки на веб-страницата на ЈСП www.jsp.com.mk.