Скопјани се жалат: Масовно крадење велосипеди низ главниот град

Од јануари до септември 2018 година регистрирани се вкупно 642 кривични дела “кражба“ на велосипеди во Скопје. 

Низ чаршијата во главниот град често можат да се слушнат муабети за тоа како некој точак е украден од дворот, зградата во која живее, пред банка, пред продавница, во парк и насекаде каде што ќе начекаат крадците. Последните неколку години се повеќе скопјани решаваат велосипедот да биде нивно превозно средство, некој од финансиски аспект, а некој од здравствен.

 Во Скопје најмногу кражби се случуваат во централното градско подрачје, односно на прометните места како пазарите и трговските центри, но тоа не значи дека и останатите делови од Градот се имуни на кражбите. Крадците најчесто не се пребирливи за марката на точакот, односно дали точакот вреди илјадници евра или пак многу помалку.

Многу од граѓаните коментираат дека голем дел од велосипедите што се наоѓаат на познатиот Канта пазар се крадени, потоа офарбани и се продаваат, па ни самиот сопственик на точакот може да се случи да не си го препознае својот.

Граѓаните што останале без превозното средство случајот веднаш го пријавуваат во полиција со надеж дека велосипедот ќе биде пронајден. Украдените велосипеди е прилично тешко да бидат пронајдени, а некои од нив се растураат на делови.
Сепак, доколку велосипедот има сериски број, многу полесно ќе биде пронајден и препознаен од страна на сопственикот кој веднаш ќе ја извести полицијата.

- За пет години ова е трет велосипед што го купувам. На работа одам со него и го оставав пред фирмата, па само што се качив до канцеларија велосипедот ми беше украден. Крадецот ме видел кога сум го оставил, го врзував со тенко синџирче и тој само го потегнал и го скинал. На камера го видовме како тоа го прави, но не му се гледаше лицето, бидејќи носеше качулка. Оттгаш новиот велосипед го ставам внатре во фирмата, вели Игор.

Сепак, има и граѓани на кои им се посреќило да им биде пронајден велосипедот и да им биде вратен од полицијата.

- Точакот ми го украдоа во ГТЦ. Веднаш отидов во полициска станица и пријавив, но искрено не се надевав дека ќе биде пронајден. Беше скап велосипед, а на полициските службеници им кажав каква боја е, серискиот број им го кажав, која марка е и уште некои ситници поврзани со велосипедот. После 2 месеци ме повикаа во полициската станица. Веднаш го препознав, им ги покажав документите за точакот на кои го пишуваше серискиот број, од каде е купен и каква марка е, за да можат да потврдат дека е мој. Веднаш ми беше вратен и искрено се надевам дека нема повторно да ми се случи истото, раскажа Перо.

Иако е месец ноември, и не се возат толку многу велосипеди овој период од годината, тоа не претставува пречка за крадците да влезат во подрумите, во гаражите или во влезовите на зградите и да "оперираат".