Скопјани сакаат да ги шетаат своите миленици, но не и да чистат по нив

Нека се олеснува каде што сака, само дома да ми е чисто, како да е главното мото на сопствениците на кучиња во Скопје. Кучешкиот измет, за жал, како да стана неизбежен дел од градските паркови, зеленила, улици, тротоари и дворови пред станбените згради, а граѓанската култура и собирање на остатоците на својот пес со кесичка е вистинска реткост.

Како што сведочат повеќе граѓани од различни делови од градот, околината на нивните домови, улиците по кои секојдневно се движат, маалски паркови и многу други места се полни со кучешки измет. Велат, здравјето на нивните деца е доведено во прашање, но за одговорноста на сопствениците на миленици никогаш не станува збор.

- Повеќе пати јас лично сум бил сведок кога сопственик го гледа својот пес додека врши нужда, а иако корпата му е на дофат на рака, тој не ја чисти фекалијата. Тоа е навистина грдо да се види, најмногу од помислата дека во паркот играат деца. Секој ден кога пешачам морам да одам со главата надолу и да внимавам не стапнам на гомно. Не знам кога газдите на миленичиња ќе разберат дека поседувањето на домашно милениче е одговорност - вели Влатко од Кисела Вода.

Велат, многу нивни соседи се мераклии на кучиња, некои шетаат дури и по две-три, но никој од нив не носи кеса за да го собере изметот.

- Еве, пред мојата куќа има тревник кој не е во ничија сопственост. Општината го одржува и очигледно им е одлично место за да си ги олеснат кучињата. На неколку пати ставав знаци и табли и ги закачував на едно од дрвата во паркчето за да апелирам да не го чинат тоа тука, но многу брзо за ден или два ми ги кршеа и парчињата ми ги фрлаа во двор - вели Мирослав Л. од Тафталиџе.

Како што раскажуваат, сопствениците на кучиња кои своите миленици ги шетаат во градскиот парк додека да стигнат во паркот кучињата ги олеснувале на нивната уличка.

- Проблемот е во тоа што песот кога ќе се научи да врши нужда на едно место тој така си се навикнува, си го обележува местото и секој ден го бира тоа место. Ние секој ден мака мачиме и ги прскаме тротоарите со црева за да можат нашите внуци на мира да поиграат на улицата без да се зацапаат или не дај Боже, да се заразат со нешто - вели Иванка oд Дебар Маало.

50 евра казна за несобран измет од милениците

Со донесувањето на Законот за јавна чистота секој што ќе фрли каков било отпадок, во што спаѓа и изметот од домашните миленичиња, ќе си плати казна од 50 евра.

- Според евиденцијата на градските комунални редари, кои вршат редовни контроли на терен, во текот на оваа година согласно Законот за јавна чистота по овој основ се изречени околу триесет казни за прекршителите - информираат од Град Скопје.