Скопјани реагираат: Запрежните коли го контаминираат градот со измет

Речиси и да нема период од денот, кога низ градските улици не може, а да не се забележи запрежна кола влечена од еден или од повеќе коњи.

Освен што ваквиот тип превоз предизвикува сообраќаен застој низ и онака фреквентните сообраќајници, тој предизвикува и лоша миризба во околината, затоа што коњите ја вршат нуждата каде што ќе стигнат, пренесува Нова Македонија.

Во последните денови граѓаните реагираа и дека низ улиците и на градскиот кеј, коњи врзани за автомобил во возна состојба, биле влечени низ улиците, па дури возачот успеал да слезе на градскиот кеј и да ги „шета“ коњите.

- Бев излезена на попладневна прошетка покрај Вардар, кога ме изненади возило што на задниот браник со јажиња имаше врзано два коња, кои ги влечеше по него. Останав шокирана. Не можев да поверувам дека тоа е вистина. Колку што знам, кејот е за прошетка и за релаксација на луѓето и на децата, но ова ме остави целосно без зборови. Многу ме разочара суровоста на возачот, кој без никаков жал и сочувство кон тие животни, ги влечкаше по него. Подоцна, истото возило сообраќаше на улица, среде други возила, без воопшто да се грижи за хаосот што го предизвикува. Сосема друг проблем беше тоа што секој момент можеше некое од животните да се вознемири и да направи инцидент на улицата - вели Александра М., сведок на настанот. Изметот, пак, што го оставаат овие животни зад себе, најголем проблем им прави на велосипедистите и на пешаците, кои велат дека ја загрозува нивната безбедност.
- Неодамна возејќи велосипед низ Градскиот парк со моето дете, за влакно избегнавме поголема незгода. Возејќи, син ми налета на измет од коњи, на кој се лизна и падна. Среќа што носеше штитници за колената и за главата, па немаше посериозни последици, во спротивно не знам што ќе се случеше - вели Милош Д. Миризбата и нехигиената што зад себе ја оставаат овие животни, дополнително ја нагрдува сликата на градот.

За овој проблем градските власти информираат дека сообраќајните режими ги регулира сообраќајната полиција.

- Ако со закон е пропишано, сообраќајната полиција ќе ги санкционира и ќе ги отстранува од сообраќај сите учесници што не се вклопуваат во сообраќајниот ред. И за зелените површини состојбата е регулирана со Законот за јавна чистота и се изрекуваат санкции на сопствениците на запрежните возила и се отстрануваат од јавните површини - информираат од градот.