Скопјани прашуваат: Ќе почнат ли градоначалниците да се грижат за своите општини или приоритет ќе им биде изградба на станбени објекти?

Метропола, европски менталитет е нешто за кое уште долго ќе мечтаеме. Жителите на главниот град се однесуваат совесно кога се надвор од својата татковина, односно на некоја прошетка низ европските земји, а таму секако се однесуваат според нивните правила. Кога се дома сите мечтаат за таа европска култура, но тука малку се тие кои ја почитуваат, секоја чест на исклучоци. Деновиве на социјалните мрежи се појавија фотографии со купишта отпад во скопските населби Тафтачице и Кисела Вода, кои личеа на депонии. Како и сите останати чуда така и ова чудо за три дена ќе помина, а додека да помине, ќе се мудрува на социјалните мрежи за ниското ниво на култура, а многумина од нив се токму слични на граѓаните кои ги создаваат депониите.

Од друга страна пак, покрај несовесните граѓани, тука се и општинските служби кои со своето неработење го создаваат изгледот на нашите општини. Човек да се замисли и да помисли дека е создаден таен договор во кој, граѓаните ќе фрлаат ѓубре каде и да стигнат, а комуналните служби нема да го собираат. Граѓаните се прашуваат дали некој воопшто работи во општинските служби и зошто градот од ден во ден изгледа се полошо.

-Вака е состојбата насекаде во Скопје и тука нема врска со политика туку со стратегија на општината. Општинските комунални служби на терен да си ја работат својата работа, општината да работи на кревање на свеста кај граѓаните, но и комуналните инспектори да почнат да пишуваат казни, бидејќи се помалку наликуваме на главен град. Јас живеам во Карпош и барам општината да почне да работи на терен и прашувам дали конечно ќе се почне со работа и проекти или најважно ќе биде издавање на дозволи за изградба на станбени објекти, истакна Весна.

И останатите граѓани од другите скопски населби и општини не се задоволни од хигиената во своите населби.

-Улиците и населбите почнуваат да наликуваат на депонии, отпадоци расфрлани насекаде. Секако, први виновници се граѓаните кои го прават тоа и истите треба да бидат казнувани заради таквото однесување. Но, исто така прашувам каде се комуналните служби, зошто никаде ги нема?  Жвеам во населбата Автокоманда, а откако се промени општинската власт како се да застана, како уште да се привикнуваат на своите обврски. Плоштадот кој е направен за нашите деца и кој навистина е прекрасен, од ден на ден е се повеќе запуштен. Тревата којзнае од кога не е искосена, целата е зарасната, немам видено комунален чистач кој се грижи за хигиената на плоштадот, додак во минатото постојано имаше лица кои беа задолжени за чистотата и не се дозволуваше да биде запуштено. Апелирам до сите градоначалници да почнат да се грижат за своите општини бидејќи токму затоа се избрани, а особено апел до градоначалникот на општината Гази Баба кој беше избран да ја разубави општината, а не да ја уназади, заврши Игор.