Скопјани покажаа голем интерес за анкетата на Град Скопје за прибирање предлози за нови имиња

Граѓаните покажаа голем интерес за анкетата на Град Скопје за прибирање предлози за нови имиња на топоними  (улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти) во главниот град. Анкетата ја објави Град Скопје на 27 јули годинава, а беше отворена до вчера, 18 август.

Од Град Скопје за МИА информираат дека над 1.800 лица го пополниле онлајн-прашалникот и доставиле предлози, додека се уште се обработуваат предлозите доставени преку пошта и во архивата на Градот.

– Од овие 1.800 пополнети онлајн-прашалници, првичната статистика вели дека 37 отсто се предлози за имиња на историски личности, 29 отсто се од јавни личности, 10 отсто се од историски настани, девет отсто од топоними и 12 отсто биле останати предлози, соопштија од Град Скопје.

Самите предлози ќе бидат разгледувани од страна на Комисија за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје. Комисијата има за задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти. Листата во форма на предлог се доставува до Советот на Град Скопје, кој ја утврдува по претходно добиени мислења од општините во согласност со Владата.

Градските власти велат дека нема рок на траење за постапката и оти станува збор за комплексна тематика во која се инволвирани поголем број на комисии и институции. Во моментов не можат да дадат конкретен рок до кога треба да заврши целиот процес.