Скопјани парно ќе имаат од 5:00 до 22:00 часот

Грејната сезона за граѓаните кои се приклучени кон топлификациската мрежа, започна на 15-ти октомври и ќе трае до 15 април кога завршува сезоната, а греење добиваат од 5 наутро до 22 часот навечер.

Но со промена на начинот и темпото на живеење се наметнува потребата од затоплување и во доцните вечерни часови, а луѓето немаат потреба од греење во поголемиот дел од денот кога се на работа и имаат обврски надвор од домот, но засега таква можност нема, само доколку имаат калориметри ќе можат да си дозволат да трошат онолку колку што тие сакаат и да заштедат на сметките за парно, но калориметри се уште не се поставуваат.

Од БЕГ во соопштението наведуват дека во согласност со правилата за испорака на топлинска енергија во регулираниот период за испорака, од 15 октомври 2018 до 15 април 2019 година, испораката се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Од компанијата велат дека поставувањето калориметри или уреди за локално распределување на топлинската енергија е предвидено во новиот Закон за енергетика. Во него се предвидува поставување алокатор во секој новоизграден објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија. Но што ќе се случува со старите станбени згради, се уште не се знае, од БЕГ се раководат од веќе пропишаните правила.

Правилата и дијаграмите се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија – велат од БЕГ.

Во овој регулиран период, во согласност со законските и подзаконските акти за снабдување со топлина, „Балкан енерџи груп“ е обврзана да испорачува топлинска енергија во строго утврдениот рок и во согласност со правилата.