Скопјани немаат сон - нема крај на трките со мотори по скопските улици

Секое лето една иста приказна во Скопје. Скопјани остануваат без сон. Каде е МВР прашуваат тие? 

Сѐ уште нема крај на трките со мотори по скопските улици и булевари, а скопјани немаат сон од нивната бучава. Силните децибели на моторите обично се слушаат во ноќните часови, кога вљубениците во брзините најчесто ги организираат трките. Вознемирените граѓани немаат што друго да направат, освен да се јават во полицијата, која, за жал, ја нема на местата на ваквите настани, а додека да дојдат моторџиите веќе си заминуваат оттаму.

Но учесниците на трките со мотори, освен што ги нарушуваат јавниот ред и мир, тие исто така ги нарушуваат и сообраќајните прописи и не возат со дозволената брзина во урбаните средини.

Поплаките на граѓаните не треба да бидат причина за интензивирање на проверките од страна на полицијата туку за неа тоа треба да биде редовна работа. Од Секторот за внатрешни работи – Скопје не кријат дека периодов има пријави за поплаки од граѓаните за диви трки на целото подрачје на градот Скопје и од страна на единицата и Одделението за сообраќај континуирано тврдат дека се преземаат мерки.