Скопјани не ги почитуваат правилата: Возат пребрзо, под дејство на алкохол и паркираат каде ќе стигнат

Шеесет и девет возачи изминатото деноноќие возеле со поголема брзина од дозволената, а 19 лица управувале моторно возило пред да се стекнат со такво право, покажуваат податоците од СВР Скопје.

Сообраќајната полиција исклучила од сообраќај и двајца возачи кои возеле под дејство на алкохол, како и 19 нерегистрирани возила и едно техничко неисправно возило.

Според дневниот билтен на СВР Скопје, изминатите 24 часа се случиле вкупно 21 сообраќајна незгода, а повредени се вкупно девет лица. Од нив, едно е потешко и осум се полесно повредени. Во 12 сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.

Издадени се 69 казни за непрописно паркирање, а со специјалното возило „пајак“ подигнати се 48 возила.

За неносење заштитен шлем санкционирани се 22 возачи на мотор, мопед и мотоцикл, за неносење сигурносен појас 19 возачи на моторни возила и за користење на мобилен телефон 14 возачи.