Уште еден случај на каснување од куче – скитник. Овој пат “жртва” е Џемаил Буњаку кој “блиската средба” со куче на плоштадот “Македонија” му ја напиша на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на неговиот фејсбук-профил и е проследено со фотографија каде што се гледа угризот на ногата што му го направило животното.

– Денес бев нападнат од скитник. Господине Шилегов, до кога вака со тие скитници кучиња. Ве молам кој ќе ми даде објаснување. Одев по мој правец. Пред влезот на плоштад во 07:35 часот ме нападна одзади. Имате камери ако сакате да се уверите господине. Среќа што избегав, ќе ме скинеа. Чекам одговор од некој што е надлежен за вакви работи. Им пишав и на Анима мунди – не ми вратија – пишува Буњаку на официјалниот фејсбук-профил на Шилегов.

Глутница од кучиња-скитници од најразлични раси и големини е секојдневна глетка на плоштадот. Слободно се шетаат меѓу мноштвото туристи кои го посетуваат градот. 

Последнава година зачестија случаите на каснување од кучиња-скитници и тоа во речиси сите скопски населби. Пред три-четири месеци граѓани од некои скопски населби се жалеа дека не можат да излезат од своите домови од страв да не бидат нападнати од глутница кучиња кои покажуваат агресивност.