
Град Скопје го отвора процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно, жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје.
- Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ. Работејќи во постојана комуникација со граѓаните, веќе собравме голем број конструктивни предлози. Но процесот е отворен и затоа ве повикувам сите партнерски да се вклучите во создавањето на буџетот кој ќе го забрза повторното заживување на нашиот град. Скопје има огромен потенцијал, а со заедничка визија и мудро планирање можеме да го претвориме во град со кој секој ќе се гордее, порача градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Како што рече, во новиот буџет ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти што ги најавивме во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина - подобрувања кои ќе го олеснат секојдневието на скопјани и ќе донесат поголем квалитет на живот.
- Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка. Верувам дека токму со ова отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје, додава тој.
Сите жители на главниот град своите идеи и предлози може да ги испратат на електронската адреса: gradskibudzet2026@skopje.gov.mk.