Скопјани ќе треба да се молат да не се „налути“ Вардар

Може ли да се садат дрвја во големото корито на реката Вардар во Скопје кое е изградено да се спречи поплавување е прашање што заслужува сериозно внимание откако градоначалникот Петре Шилегов најави дека се планира да се засадат 400 дрвја високи по 14 метри на потегот од „Александар Палас“ до мостот „Гоце Делчев“.

Главната цел на овој дрворед, како што вели скопскиот градоначалник, е „да шетаме и рекреираме под сенка покрај реката“. Поради тоа што Скопје веќе има поминато низ голем број поплави и токму затоа е изградено големо заштитно корито, oд порталот Самопрашај контактирале повеќе експерти што мислат за ваквата идеја. Тие или целосно ја отфрлаат или бараат претпазливост бидејќи нејзината реализација дополнително може да ја зголеми опасноста од поплави.

- Треба да им се остави простор на реките. Некои грешки што се направени пред неколку години не треба да бидат оправдување за нови грешки, вели хидротехничарот Ангел Панов кој нагласува и дека реката Вардар е регулирана по принципи уште во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, како и дека во тоа време нивото на заштита на Скопје е подигнато на многу високо ниво.

Цветанка Поповска, експерт за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеците и долгогодишен професор на Градежниот факултет вели дека „на Вардар му се доста активности“. 

- Мора во Вардар сѐ да се исчисти. Со години давам изјави и мислам дека е веќе без ефект да давам нови изјави на секоја нова глупост. Едноставно, нема ефект кога реагирам. A, за оваа идеја (со дрворедот) немам чуено. Нема што да коментирам, вели таa.