Скопјани ќе почекаат за новиот Луна парк

Иако од пред неколку години беше најавено дека Скопје ќе добие нов и модерен Луна парк, скопјани сепак ќе почекаат за такво нешто. 

Метрополата нема во скоро време да добие нов забавен парк, потврдија од Град Скопје за Алфа. Проектот за обнова на Луна Паркот е заглавен.

Речиси една година откако Петре Шилегов ги стопираше градежните работи во Луна паркот, Градот Скопје сè уште е без проект за забавниот парк.

Она што се најавуваше е дека истиот требаше да биде проширен и збогатен со нови содржини. Главниот забавен дел на паркот ќе има два адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини. Во Луна паркот во отворениот дел ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрацијата, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на школка.

Во меѓувреме архитектите предупредуваат дека најавеното проширување на Луна Паркот ќе го доуништи Градскиот парк.

Но, кога ќе се случи ова и дали скопјани навистина ќе го добијат ветениот забавен парк, останува да видиме.