Скопјани изминатата недела најмногу се жалеле на бездомните кучиња, но и на нехигиената

На електронската адреса за комуникација со граѓаните 24@skopje.gov.mk во последната работна недела пристигнати се 41 барања и предлози од граѓаните, од кои решени се дури 40, информираа од Град Скопје. 

Најголемиот број граѓани во текот на изминатата недела пријавиле проблеми со бездомни кучиња, побарале кастрење на суви дрвја и гранки, пријавиле проблеми со подигањето на комуналниот отпад, а дел од прашањата се однесуваат и на данокот на имот.

-Проектот „Отворен град 24 часа“ овозможува граѓаните брзо и лесно да пријавуваат проблеми. Целта е да се поттикне ефикасно и ефективно работење на градската администрација, кое ќе придонесе Скопје да биде функционален град кој нуди брзи, квалитетни и навремени услуги за скопјани. Со ваквиот начин на комуникација Градот Скопје станува поблизок до скопјани и преку непосреден однос со граѓаните ги решава нивните проблеми, потенцираат од Град Скопје. 

Стручните служби во Градот Скопје се задолжени да одговорат на барањата на граѓаните што пристигнуваат на адресата 24@skopje.gov.mk или да ги решат во најкраток можен рок со што се овозможува брза и непосредна интервенција на терен за пофункционален град во служба на граѓаните.