Скопјани гневни на комуналците: Не е во ред да се мијат улици и да се метат станици кога се полни со луѓе

Ќе има ли некогаш ред во нашиот град? Или не е чисто, или се чисти во несоодветно време, се жалат скопјани од комуналците. 

Скопјани сметаат дека не е коректно да се метат станиците наутро кога се полни со луѓе што чекаат автобус, да ги мијат тротоарите кога по нив трчаат пешаци за да ги избегнат или, пак, наутро кога луѓето средени и чисти завршуваат запрашени од облаците прав на камионот метларка.

Тие исто така се жалат за тоа кога многумина, брзајќи навреме да стигнат на работното место, не можат да поминат од камионот за собирање смет. Тие велат дека камионите пречат во сообраќајот и создаваат дополнителни нервоза кај оние што треба да одат на работа.

– Навистина не ми е јасно како може да се чистат улиците во период од денот кога се најфреквентни, прашува револтиран скопјанец.